Лефти и Рајти оживуваат на филмското платно – започна продукцијата на нов краток македонски анимиран филм за деца
Ликовите Лефти и Рајти, од серијалот „Приказни за облеките“, ќе оживеат и на филмското платно, откако со поддршка на Агенцијата за филм започна продукцијата на краткометражниот анимиран филм за деца „Лефти и Рајти“.
Станува збор за нов македонски анимиран проект наменет за најмладата публика, базиран на авторскиот свет на Наташа Дукоска. Филмот е по сценарио на Дукоска, ко-сценарист е Билјана Црвенковска, а режијата е на Илија Тодоровски. Продукцијата ја реализира „зАнимација продукција“ од Скопје.
Во процесот на изработка на анимацијата учествуваат и професионалци од „Светот на Биби“ и Toon Motion Studios, што, според продукцискиот тим, претставува дополнителна гаранција за висок квалитет и современ пристап во визуелната и наративната обработка.
Од продукцијата информираат дека ликовите Лефти и Рајти произлегуваат од веќе изграден и препознатлив авторски свет, кој во изминатите три години континуирано се развива преку истоимениот серијал сликовници.
„Лефти и Рајти“ е дел од поширок креативен концепт ориентиран кон развој на домашен бренд за деца преку филм, литература и други културни форми, а воедно се оценува како значаен чекор кон градење нова генерација публика која ќе расте со приказни потекнати од македонското творештво.