„Лаже ли лаже“: Андреј Жерновски за премиерот Мицкоски


Андреј Жерновски

 

Има само еден премиер во светот кој употребува термин што не е познат во политиката. Тоа е „вистинска вистин“. А тоа е кога зборува за лажната вистина, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција.

И потоа изнесуваше аргументи зошто Мицкоски лажел:

„Со лага дојде на власт. Во октомври 2019 година изјави дека ‘ако ги изгубам парламентарните избори ќе си дадам оставка’. Ги загуби парламентарните избори, не си даде оставка. Излажа.

Дојде на власт со лага. Кажа, вети на граѓаните, на гласачите дека кога ќе дојде на власт ќе го промени Преспанскиот договор, ќе го промени уставното име, ќе го врати старото име. Повторно излажа, но не им кажа на гласачите, не им кажа на граѓаните дека тоа значи ќе бидеме ФИРОМ, дека ќе бидеме БЈРМ. Не им кажа дека треба да го напуштиме НАТО и дека нема да бидеме безбедни“.

Жерновски нагласи дека Мицкоски рекол ако се открие поврзаност помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и него и агенцијата за обезбедување од дискотеката „Пулс“ во Кочани, дека ќе си даде оставка.

„Повторно излажа. Потоа велеше, како советник на Никола Груевски, дека работи про боно. Повторно излажа.

Значи може да констатираме што прави Мицкоски кога ќе го фатите во лага. Одговара со нова лага. Ветуваше одговорност, ветуваше правда. Сега го штити Тошковски. 

Меѓутоа криминалците останаа во власта, во врвот на власта, одговорност нема, а правдата е погребана.

Пред неколку дена во македонското Собрание, на прашање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за негова поврзаност со Душан Адамовиќ, рече дека зад неговата поставеност како конзул на Србија стои македонскиот амбасадор. Повторна лага“, рече Жерновски.

Христијан Мицкоски, Милош Вучевиќ (лево) и Душан Адамовиќ (десно)

Тој потоа рече дека изборот на почесен конзул се носи со одлука на Влада, на седница на Влада, на предлог на Влада и со тоа ја излажал јавноста.

Жерновски презентираше фотографија на која се гледаат Христијан Мицкоски, Душан Адамовиќ и претседателот на СНС, сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Милош Вучевиќ.

„Адамовиќ, значи, е негов пријател и бизнис партнер. Рековме неколку пати – човек со криминално досие, висок функционер на СНС, кој се поврзува со петте тони дрога запленета врз основа на информација од ДЕА. Сè е лага. Сите настапи, целата политика на Мицкоски всушност е лага. Граѓаните веќе знаат дека неговите зборови ништо не значат. Не дозволувајте повеќе овој човек да ве лаже и понатаму“, рече Андреј Жерновски.

По оваа прес-конференција веднаш со соопштение се јави ВМРО-ДПМНЕ и Жерновски го нарече „внук на бугарски кмет, неуспешен политичар, неуспешен дипломат, самопрогласен амбасадор, човек без кичма, став и достоинство, измеќар на Заев и Филипче. Овој човек без грам кредибилитет пред да говори за тоа кој говори вистина, а кој лага, треба прво сам да се погледне во огледало. Прелетач од ЛДП во СДС, само затоа што така му нареди Зоран Заев“.

Владејаќката партија го повтори нејзиниот познат став дека предлогот Душан Адамовиќ да стане конзул доаѓал од македонскиот амбасадор во Белград, Никола Тупанчевски. И дека Адамовиќ ги исполнува сите критериуми да биде поставен за конзул.