Ландсбергис: На Лавров не смее да му се дозволи лет во Европа, освен ако не е за Хаг!

Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, кој одби заедно со колегите од Естонија, Латвија и Украина да присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, порача преку Твитер дека местото на Лавров е во Хаг, а не на иста маса со преставници на демократски земји.
„Зошто би летал за ОБСЕ во Скопје: За да „дискутираме за европската безбедност“ со човек на кој не треба да му се дозволи да лета во демократски земји, освен ако неговата дестинација не е Хаг?“, напиша гневно литванскиот министер.
Веста дека министрите на четирите земји нема да дојдат на министерскиот состанок во Македонија практично веќе го фрли во сенка успехот на собирот во нашата држава, иако очигледно ќе обезбеди „преживување“ на ОБСЕ како организација по најавите за негова пропаст, неизвесна судбина и исчезнување и слични драматизирања.
Со оглед на тоа дека никој не изрази желба од САД и од ЕУ да има средба со Лавров, а американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајк Карпентер, дури изјави дека патиштата на американскиот и рускиот шеф на дипломатијата „нема ни да се вкрстат“, импровизација се известувањата дека во Скопје ќе се решава за мирот во Украина и дека освен изборот на функционерите на клучните позиции – ќе има дипломатски пробив за некое од крупните безбедносни прашања во кои е инволвирана Русија. Одбивањето на четири земји од Балтикот и Украина да учествуваат на состанокот само покажа дека поканата на Лавров беше за еднократна употреба и нема да смени ништо кон политиката на Европа и САД кон Русија.
„Украинците ги положуваат своите животи за целосно европска иднина, а не за да преговараат за компромис со терористите. Литванија ќе биде со Украина до победа и долго потоа.
Слава на Украина! “- напиша министерот на Литванија на Твитер, за да нема заблуда колкава е решеноста да се истера правдата околу воената агресија на Русија.