„Квази-експерти ги бранат своите и туѓите интереси“: Грковска за противниците на законот за „црните листи“


Фото: Б. Грданоски

 

Нема ниту еден сериозен аргумент за тврдењето дека со законот за рстриктивни мерки се крши Уставот и суверенитетот изјави вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и рече дека за разлика од нашите меѓународни партнери, во нашата држава има структури кои не се заинтересирани за прогресот.

„Очигледни се тие структури кои што едноставно ја прокоцкуваат иднината на државата поради тоа што очекуваат и од таквите квази-експерти да ги бранат нивните лични интереси, наместо сите таа енергија да ја искористиме за да направиме нешто добро за општото добро. Секогаш и во меѓународните документи и во меѓународното право, општиот интерес преовладува над личниот интерес. Јас не сум ниту адвокат на еден од тие што се ставени на црната листа, ниту сум на платен список на некој од нив, ниту сум дел од онаа т.н. експертска фела“, изјави Грковска синоќа во интедрвјутот на ТВ Шења.

Осврнувајќи се на средбите со официјалните претставници во Вашингтон, Грковска истакна дека поддршката што САД ѝ ја дава на Северна Македонија за постигнување на сите стратешки цели и интереси е недвосмислена и историски докажана.

„Имајќи го предвид стратешкиот дијалог со САД, во чии рамки има поглавје за соработка во борбата против корупцијата и организираниот криминал, сметам дека е недопустливо за нас како држава да ги ставаме САД во позиција да поднесуваат посебно барање. Затоа предложив да се прошири делот за рестриктивни мерки. Во суштина, да се допрецизира оној дел кој што е веќе во законот“, изјави Грковска во однос на предлог измените на Законот за рестриктивни мерки и додаде: „Најодговорно тврдам дека немаше ниту една објективна причина, ниту пак административна, предлогот да биде вратен од Собрание“.

Појаснувајќи ја потребата од законските измени, Грковска нагласи дека во однос на црните листи на САД досега не сме виделе обвинителството да покрене постапка за ниту еден од овие случаи, а со предложените измени обвинителството ќе биде обврзано веднаш да почне со постапката.