Кувајт ја доби „Федха“ – презентерката на вести создадена со вештачка интелигенција
Русата коса и светло обоените очи на презентерката ја рефлектираат разноликата популација на Кувајт и иселениците во земјата богата со нафта
Кувајтски медиум претстави виртуелен презентер на вести создаден со помош на вештачка интелигенција (ВИ), јави Гардијан.
Во саботата, презентерката наречена „Федха“ се појави на Твитер профилот на интернет-страницата „Кувајт Њуз“. Федха претставува лице на жена со непокриена коса, облечена во црно сако и бела маица.
„Јас сум „Федха“, првиот презентер во Кувајт кој работи со вештачка интелигенција во ‘Кувајт Њуз’. Какви вести препрочитате? Ајде да го слушнеме вашето мислење“, вели ВИ презентерката на арапски јазик.
Профилот на Твитер е поврзан со интернет-страницата на „Кувајт Тајмс“, првиот дневен весник на англиски јазик во регионот на Персискиот залив, основан во 1961 година.
Заменик-главниот уредник на двата медиума, Абдула Бофтен, рече дека ова е тест за потенцијалот на вештачката интелигенција околу понудата на нова и иновативна содржина.
„Федха“ е популарно, старо кувајтско име што се однесува на сребро. Секогаш замислуваме дека роботите се сребрени и во металик боја, па ги комбиниравме двете“, изјави Бофтен, додавајќи дека русата коса и светло обоените очи на презентерката ја рефлектираат разноликата популација на Кувајт и иселениците во земјата богата со нафта.
Се очекува во иднина „Федха“ да го усвои кувајтскиот акцент и да презентира билтени од вести на Твитер профилот на страницата која брои над 1 милион следбеници.
Видеото од ВИ презентерката предизвика бура од реакции на социјалните мрежи, меѓу кои и од новинарите.
Според Индексот на слободата на печатот на „Репортери без граници“ за 2022 година, Кувајт е рангирана на 158 од 180 земји и територии.