Курти официјалнo во Скопје за одбележување на роденденот на Мајка Тереза


Фото: Б. Грданоски

Косовскиот премиер Албин Курти денеска (26 август) ќе престојува во официјална посета на Скопје, каде што ќе учествува на повеќе настани посветени на одбележувањето на роденденот на Мајка Тереза.

Централниот настан ќе се одржи во Музејот на современа уметност, под покровителство на првиот вицепремиер Беким Сали. На свеченоста, покрај Курти, се очекува да присуствуваат и претставници на државните институции, дипломатскиот кор и други гости.

Поради посетата, Министерството за внатрешни работи информираше дека во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим. Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници со цел непречено одвивање на сообраќајот.

Мајка Тереза, родена како Гонџа Бојаџиу во Скопје во 1910 година, останува една од најзначајните личности со потекло од Македонија. Нејзиниот живот беше посветен на помагање на сиромашните, болните и најранливите, а нејзината хуманитарна мисија ја одбележа историјата ширум светот.

Најголемиот дел од својот живот го помина во Калкута, Индија, каде што ја основа мисионерската заедница „Мисионери на љубовта“ и им помагаше на луѓето без разлика на нивната вера, националност или потекло.

Мајка Тереза почина во 1997 година на 87-годишна возраст. Во 2003 година беше прогласена за блажена од папата Јован Павле Втори, а во 2016 година папата Франциск ја прогласи за светица.

Во рамки на денешното одбележување, во Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје ќе бидат отворени и три изложби – „Мирот започнува со насмевка“, „Наследството на Мајка Тереза“ и „Апостолот на мирот и љубовта преку зборовите на познатите“, посветени на нејзиниот живот, дело и трајно хуманитарно наследство.