Курбиново без заштита – Управата пак одбила да издаде конзерваторско одобрение за настрешницата


Иако поранешниот министер за култура Зоран Љутков на 22 јуни тврдеше дека е надминат 13-годишниот проблем за поставување заштитна настрешница над црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, таа сѐ уште не може да се постави. Управата за заштита на културното наследство повторно одбила да издаде конзерваторско одобрение, наведувајќи недостатоци во доставената документација, објави СДК.мк.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, изјавила дека е одбиено и второто барање од Завод и музеј – Битола. Во документацијата доставиле изјава само од еден од повеќето сопственици на парцелата, а има и други недостатоци на проектната документација.

Имајќи предвид дека ова предолго трае, таа предлага да се разгледаат и алтернативни начини за заштита на фреските. На пример, панели поставени паралелно со фасадата, жалузини и слично кои ќе овозможат заштита од УВ зрачење, дожд или град, а нема да навлегуваат во соседните парцели.

Во меѓувреме е почната реставрацијата и конзервацијата на надворешниот фрескоживопис,  на црквата која е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат по фреската на ангелот Гаврил како македонската „Мона Лиза“. Но, заштитните тремови, неопходни за заштита на фреските, сѐ уште не се поставени.

„Втора сезона по ред се изведуваат работите во соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Во моментов работат двајца конзерватори од Грција заедно со битолски колеги. Но, уште немаме конзерваторско одобрение за настрешницата“, изјавила Директорката на Завод и музеј – Битола, Маргарета Спасов. 

 

 

Проблемот трае со години. Поради необезбедена согласност од приватните сопственици на парцелата, со која граничи едниот ѕид од црквата, не можеше да се постави заштитна настрешница. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не беше експроприрано. Поради ова, Управата за заштита на културното наследство имаше одбиено да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата.

 

Во црквата „Свети Ѓорѓи“ останува годинава да се продолжи со конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и ѕидното сликарство однадвор на објектот. Внатрешната реставрација и конзервација на храмот и фрескоживописот, преку соработка на Завод и музеј – Битола со експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, беше завршена во периодот на ексминистерката Бисера Костадиновска-Стојчевска и поранешната директорка на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова. Реставрацијата започна уште во 2013 година. Екс министерката за култура Ирена Стефоска пак во 2020 година ги вклучи експертите за конзервација од Грција.

Поради зафатите што треба да се направат од надворешната страна, електрификацијата и обезбедување на лице домаќин, храмот уште не е отворен за редовни посети.

Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.