Куомо повтори дека нема да поднесе оставка


Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо повторно одби да поднесе оставка и покрај критиките од влијателните колеги демократи во врска со скандалот со сексуално вознемирување.

– Нема да поднесам оставка поради неосновани обвиненија, повтори тој откако Андреа Стјуарт-Кузинс, лидер на Сенатот на државата Њујорк рече дека треба да поднесе оставка „за доброто на државата“.

– Нема шанси да поднесам оставка, истакна Куомо.

Стјуарт-Кузинс рече дека обвинувањата за малтретирање против Куомо од страна на поранешни соработници се појавија во критично време кога државата се бори со пандемијата.

– Треба да управуваме без непотребно одвлекување внимание, рече Стјуарт-Кузинс подвлекувајќи дека „гувернерот Куомо мора да поднесе оставка“.

Поранешната помошничка на Куомо, Линдзи Бојлан, тврди дека гувернерот ја принудил да го бакне и ѝ дал непристоен предлог, обвинувања што тој ги негираше.

– Никогаш не сум допрел некого несоодветно, рече Куомо, додавајќи дека сега сфаќа оти ги натерал неговите обвинувачи да се чувствуваат „непријатно“.

– Не беше намерно. Искрено и длабоко се извинувам, рече тој.