Битолскиот суд забрани ископ од концесионерот на локалитетот Влахо во Новаци
На денешната прес-конференција, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на теми што предизвикаа интерес во јавноста, а се од областа на заштитата на културното наследство, како и на актуелните случувања во Охридскиот Регион.
Поради актуелноста на некои од прашањата, Костадиновска-Стојчевска одржа и седници со Националната комисија на УНЕСКО и со Националниот совет за културно наследство.
„Ја поздравувам одлуката на Битолскиот суд кој го уважи предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, општина Новаци, од страна на концесионерот до правосилно завршување на постапката која во ОЈО Битола се води за кривично дело ‘оштетување или уништување на добра…’ од чл. 264 од Кривичниот законик. Ја поздравувам и брзата реакција на Основното јавно обвинителство Битола“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска околу продолжувањето на работата на концесионерот на локалитетот Влахо, и покрај забраната која е изречена заради извршување на законските заштитни конзерваторски работи.
Одлуката на Битолскиот суд следи по реакцијата на Министерството за култура соодветните институции за заштита веднаш да ги активираат своите законски надлежности по алармантните укажувања од стручните лица за случувањата на локалитетот Влахо.
Министерката потенцираше дека Министерството за култура ја продолжува засилената координација со сите релевантни фактори за спречување на натамошни нелегални и деструктивни активности на археолошките локалитети и останатото културно наследство во земјава.
За локалитетот во штипско Спанчево, Костадиновска-Стојчевска ја пренесе информацијата од надлежната институција, НУ „Завод и Музеј“- Штип од каде се вели дека е извршен увид на археолошкиот локалитет „Свети Атанасие“ во село Спанчево и е констатирано дека на местото каде што се изведуваат градежни работи за поставување на фотоволтаици од инвеститорот „Сити Инвест“ не се забележани наоди кои би укажале на постоење на културно наследство. Во консултација со Општина Чешиново-Облешево, инвеститорот ги имал сите документи за отпочнување со градежни активности, односно дозвола за градба од 2013 година со важност од 10 години.