Кујната се пренаменува во занимални – уште 50 деца повеќе во градинката „Гоце Делчев“ во Илинден


Општина Илинден соопшти дека почнува проект со кој кујната во градинката „Гоце Делчев“ ќе се пренамени за дополнителни простории, со што ќе се создадат услови за згрижување на уште 50 деца и градинката ќе има вкупен капацитет за околу 650 деца.

Постојниот кујнски простор во градинката ќе биде целосно реконструиран и пренаменет во две нови занимални со отворањето на новата централна кујна чија изградба е во завршна фаза.

-Во рамки на градежните активности е предвидена изведба на нови преградни ѕидови и подови, хидроизолациски, керамички, молерофарбарски и фасадерски работи, како и поставување нова внатрешна и надворешна столарија. Ќе бидат изведени и нови електрични инсталации и осветлување, заедно со сите други потребни градежно-занаетчиски работи за создавање безбеден, функционален и современо уреден простор за најмладите, информира општината.