Крушево со над 50 отсто излезност во 15 часот – Скопје се буди

Од општините низ републикава, Крушево, Пробиштип и Росоман бележат највисока излезност до 15 часот


Фото: Б. Грданоски

Во попладневните часови излезноста во сите општини каде се гласа во втор круг на локалните избори, вклучително и Град Скопје, се зголемува, но Чаир и Сарај уште покажуваат комплетна незаинтересираност за избор на татко на градот.

До 15 часот излезеноста за локалните избори во земјава е 30,26 проценти, а за Скопје 29,94 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Како што информира портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, на ниво на државата гласале 208.571 лице или 93,59 проценти на избирачки места од кои што се пристигнати податоци, додека за Скопје гласале 104.182 лица, а податоци се пристигнати од 656 избирачки места или 95,77 отсто.

Од општините низ републикава, Крушево, Пробиштип и Росоман бележат највисока излезност до 15 часот, со 50, 22 отсто, односно 49,04 и48,13 отсто соодветно.

Излезноста во Кичево е над 40 отсто, додека во Струга 27,08 отсто, а Кочани 26,72 отсто и Куманово со 22,1 отсто.

Скопје, во вториот круг не ги инспирира гласачите досега да излезат и да ја дадат својата поддршка за градски татко, па излезноста на ниво на град е 29,94 отсто. Во првиот круг до 15 часот излезеноста била 31,16 проценти за Градот Скопје.