Кривична за поранешен директор и раководител на М-НАВ, направиле штета од 1,4 милиони денари


Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против В.К во својство на поранешен Извршен директор на Сектор за Воздухопловна Техника во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради сомнеж дека ја злоупотребил својата службена положба и овластување. Кривична пријава е поднесена и против Б. А. во својство на в.д. Раководител на одделение за јавни набавки во М-НАВ поради несовесно работење.

„Првопријавениот В. К. ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што извршил спојување на две сосема различни неспоиви јавни набавки во една, и тоа набавка за изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение, со набавка на физичко и електронско архивирање на документи, и искористувајќи ја својата службена положба, во текот на 2022 година, спротивно на член 89 од Законот за јавни набавки, изработил технички спецификации и тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за Јавна набавка за обезбедување и имплементација на целосно оперативно решение за управување со документи со број на оглас 12253/2022, во кои вметнал услови и критериуми кои доминантно се однесуваат на физичко архивирање на документите и немаат никаква врска со изработка на целосно оперативно решение за управување со документи односно набавка на софтверско решение, што е спротивно на начелото на сразмерност од член 8 и начелото на конкуренција од член 5 од Законот за јавната набавка.

Второпријавената Б. А. како единствено лице кое поседува овластување за водење постапки за јавни набавки, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапувала во вршење на своите овластувања и должности на начин што иако била свесна дека така подготвената тендерска документација и техничка спецификација е изготвена спротивно на Законот за јавни набавки, ја објавила на електронскиот системот за јавни набавки со што овозможила спроведување на истата“, се вели во соопштението.

Пријавените како што се вели во поднесената кривична пријава го оштетиле буџетот на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје за износ од 1.493.433,00 денари, за кој износ му овозможиле да оствари корист на правното лице Друштво за скенирање, обработка и складирање на документи Контего ДОО Скопје, со кое е склучен договор.