Кривична за полицаецот кој ја нападна советничката Витина


Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје – Специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе кривична пријава против Б.М., полициски службеник во Одделението за криминалистички работи Чаир при СВР Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 став 1 од Кривичниот законик.

На 05.07.2025 инспектори на град Скопје утврдиле дека во општина Шуто Оризари има див приклучок на канализациона мрежа од страна на полицискиот службеник Б.М., а тој им се заканувал на присутните, употребил физичка сила кон советничката на град Скопје, Ирина Витина и ги спречувал инспекторите од град Скопје да снимаат со своите мобилни телефони со цел да ја документираат затекнатата состојба на терен, со што го попречувал инспекцискиот надзор.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник Б.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, информираа од полицијата.