Кривична против шест полицајци – тепале приведен врзан со лисици
Против шест полициски службеници вработени во СВР Скопје, поради основано сомнение дека на 18 мај годинава сториле кривично дело „малтретирање во вршење служба“ по член 143 од Кривичниот законик, поднесена е кривична пријава од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинитество за гонење организиран криминал и корпуција – Одделение за гонење на сторители на кривични дела на лица со полициски овластувања.
-По извршените проверки и увидот во безбедносните камери констатирано е дека на настанот претходел друг кривично-правен настан, по што оштетениот бил врзан со лисици за врзување и врз него неосновано била употребена физичка сила, со што биле пречекорени полициските овластувања, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Против пријавените полициски службеници, според соопштението, е поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност во МВР.