Кривични пријави за фрлачот на „молотови коктели“ и за напаѓачот од Скендербег


 Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје денеска до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава по брза постапка против Ј.С.(18), поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, казниво по член 385 од Кривичниот законик.

Како што соопштија од МВР, завчера околу 21.00 часот за време на одржување на јавен сoбир на граѓани организиран преку социјални мрежи, Ј.С. започнал да подготвува молотови коктели и да фрла со нив кон полициските службеници и објектот на Собранието.

-По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници, Ј.С. е лишен од слобода, обезбедени се сите докази против него во координација со ОЈО Скопје и лицето е изнесено пред Судија на претходна постапка, се наведува во соопштението на МВР.

Исто така припадници на Единицата за насилен криминал  денеска го лишија од слобода Г.К.(22) од Скопје, кој синоќа за време на јавниот собир фрлал со тврди предмети кон полициските службеници и повредил еден од нив.

-На 6.7.2022 околу 20.35 часот, за време на одржување на јавен собир на граѓани, организиран преку социјални  мрежи, Г.К. започнал да фрла со тврди предмети кон полициските службеници кои вршеле службени дејства околу обезбедување на собирот, нанесувајќи му повреда на еден од нив, соопштија од МВР.

Како што посочуваат, во координација со ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава по брза постапка за кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик и лицето е изведено пред Судија на претходна постапка.