Кривична пријава на МВР против Оливер Спасовски за станицата за технички преглед во Сарај
Кривичната пријава за поранешниот министер за внатрешни работи е поврзана со несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија
Кривична пријава стигна до првиот висок функционер на претходната влада.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје вчера поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Се однесува на станицата за технички преглед во Сарај,
„О.С. додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект – технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5,5 милиони денари“, се наведува во соопштението од МВР.
Во кривичната пријава стои дека О.С. делото го сторил така што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи.
„Иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила“, велат од МВР.
Спасовски ја отфрли пријавата, велејќи дека постапката е политички мотивирана.
„Во целост ги отфрлам наводите во т.н. пријава. Не ме изненадуваат методите – ништо ново, МВРО-ВМРО се враќа на сцена секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од реалните скандали на власта“, изјави Спасовски.
Тој додаде дека, според него, денешниот потег има за цел да го пренасочи вниманието од актуелните горливи теми.
„ВМРО-ДПМНЕ бега и сака да го оттргне вниманието од трагедијата во Кочани, мигрантите, криминалите и лошата економска состојба. Ова е класичен обид за политички прогон“, нагласи поранешниот министер.
Спасовски истакна и дека е нејасно дали на власта повеќе ѝ пречат резултатите што ги постигнал како министер, или неговата актуелна улога и настапи како опозициски политичар.
Кривичната пријава е во корелација со несреќата на автобусот на „Беса транс“ кој на 5 октомври 2021 се запали во Бугарија и во него изгореа 45 лица. Во станицата за технички преглед „Виа комерц“ во Глумово запалениот автобус бил на последна контрола. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција истражува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“. Решението за забрана за работа, кое „360 степени“ ѝ го стави на увид на јавноста, е потпишано од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 26 ноември 2021. (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија).
Од документот се гледа дека неправилности во работата на станицата за технички преглед во село Глумово, Општина Сарај, биле откриени уште на 12 август 2021 г., но од досега необјаснети причини, министерот Спасовски не потпишал решение за привремена забрана за работа – до отстранување на пропустите, иако таков предлог бил изготвен од соодветните служби во Бирото за јавна безбедност.