Крива Паланка со седум проекти бара 3,5 милиони евра од унгарските пари – ќе гради патишта и водоводи

Општина Крива Паланка со комплетно подготвена проектно-техничка документација достави приоритетни проекти за реализација согласно најновиот повик за општините од страна на Владата со кој за нашата општина на располагање се 154.000.000 денари, додека со три проекти од областа на животна средина се очекува за општината да бидат одобрени 980.000 евра од Европската инвестициска банка преку Минситерството за животна средина и просторно планирање.
Сите седум проекти, со вкупна вредност од 3.5 милиони евра, денес официјално се доставени до Владата и Министерство за животна средина и во најскоро време се очекува да се реализираат.
Со трите проекти од областа на водоводи и канализации, во износ од 980.000 евра преку МЖСП општината го решава проблемот со вода за пиење на жителите и од градот и од населените места во Конопница, додека во Маневци и населба „8 Октомври“ се решава проблемот со отпадни води.
Станува збор за проектите: „Изградба на водоснабдителен систем за село Конопница“ , во должина од 8.8 километри со вредност 173.000 евра, „Реконструкција на градска водоводна мрежа и доградба на нова водоводна линија“, вкупно 5.3 километри, со вредност 586.000 евра и „Изградба на канализација за отпадни води во населба „8 Октомври“, над Маневски мост“ со должина од 3.4 километри и вредност 223.000 евра.
Со средствата од повикот на Владата за општините со кој на располагање за Општина Крива Паланка се 154.000.000 денари аплицирани се проектите: „Партерно уредување на мајор коритото на Крива Река, дел 1 и 4“ во вредност од 27.8 милиони денари, Реконструкција на патен правец кон Калин Камен“, проект вреден 61.2 милиони денари, „Реконструкција на дел од ул„Св.Јоаким Осоговски“, од „Дол Единство“ до спој со магистралата А2, со изградба на атмосферска канализација“, во вредност од 61.6 милиони денари и „Уредување на делови од спортски комплекс – трибини кај фудбалско игралиште“, во износ од 3.4 милиони денари.
Со реализацијата на проектите Општина Крива Паланка решава децениски проблеми за жителите, а со инвестициите во патна, комунална и спортско-рекреативна инфраструктура продолжува да вложува во развој на градот и подобри услови за сите граѓани.