Кредитот од Унгарија е бизнис план на Мицкоски на штета на граѓаните, вели Филипче
Ставање на државата во економско и политичко заложништво на друга земја е многу погрешен чекор. Три поколенија ќе ги враќаат позајмувањата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зад кои се кријат очигледни матни намери, истакнува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што соопшти СДСМ, тој, во интервју за неделникот Фокус, оценува дека кредитот од Унгарија е всушност бизнис план на Мицкоски кој со сигурност ќе оди на штета на граѓаните.
-Мицкоски обвинуваше за наводно подаништво на СДСМ кон ЕУ, а сега тој лично е најголемиот поданик на Унгарија, земја со отворено происточни тенденции и нејасна улога во рамките на Европската Унија. При состојба на ваков долг кон Унгарија, несомнено е дека и политичките одлуки и целосната стратешка ориентација на земјата ќе бидат под силно унгарско влијание. Но тоа е едниот проблем, другиот проблем е потенцијалната корупција која се спрема со овие пари, изјави Филипче
Една од причините за кредит од земја, а не од финансиска институција, според него, е помалата контрола врз тоа како ќе се трошат парите.
-Ова значи дека овие пари ќе се потрошат неконтролирано што апсолутно значи дека ќе има многу корупција. Според нашите информации, ВМРО-ДПМНЕ и за делот кој се однесува на проекти од општините веќе преговара со компании кои ќе ги работат проектите, при што ќе бидеме сведоци на офајдување на бизниси блиски до ВМРО-ДПМНЕ, вели Филипче.
Фактурите од договорот со Унгарија веќе пристигнуваат, смета Филипче, а допрва ќе ги видиме и другите фактури и бизнис интереси што се кријат зад договорот за кредитот.
-Веднаш по кредитот стигна и најавата дека телекомуникациска компанија блиска до унгарскиот премиер, Виктор Орбан влегува во државата. Таа се најавува како некаква голема инвестиција која реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата. Но, Владата не одговара, како унгарскиот мобилен оператор „4iG“ ќе влезе во земјава кога има стратешко партнерство со кинеска компанија и тоа е спротивно на домашните закони со кои се обврзуваме да користиме телекомуникациски системи од доверливи добавувачи, вели Филипче.
Во однос на Кривичниот законик, Филипче цели дека во Министерството за правда веќе има нов Кривичен законик што се подготвувал долго време од страна на експертска работна група. Потсетува, дека тој го повика премиерот Мицкоски изработениот текст да го стави на јавна расправа и да биде донесен час поскоро, но вели, неговиот предлог бил експресно одбиен од лидерот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ.
-Во новиот Кривичен законик кој инсистирам да се донесе има нови одредби кои ја санкционираат злоупотребата на службената положба и овластувања и тоа беше мој одговор на сите шпекулации дека го нудиме заради некаква скриена амнестија на функционерите од претходната власт, потенцира Филипче.
Тој негира дека измените на Кривичниот законик, донесени од страна на Владата на СДСМ и ДУИ, биле со цел спас на функционерите од овие партии.
-Сметам дека е погрешно да бидеме и натаму обвинувани дека тоа било направено за да се заштитат функционерите на Владата на СДСМ од наводни криминали, кога токму челници од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се офајдија од тие измени и сега се на високи функции, вели Филипче.
Тој смета дека не постои никакво оправдување зошто новиот текст на Кривичниот законик да стои во фиока, кога тоа не е само заложба на СДСМ како претходна владејачка партија, сега опозиција, туку е и обврска од реформската агенда со Европската Унија.
Во однос на тоа дека довербата во судството паднала многу ниско за време на Владата на СДСМ, Филипче смета дека грешка било што не успеале навреме да ги реализираат сите проекти предвидени и во Стратегијата за реформи на правосудството, но и оти биле донесени многу клучни реформи и закони.
-Да не заборавиме дека беа донесени над 20 закони или законски измени во оваа сфера. Споменав, претходно во финална фаза беше и новиот кривичен закон. Впрочем Владата на СДСМ беше таа која побара Брисел да испрати оценска мисија за Судскиот совет и согласно препораките на европските експерти почна да се работи и на измените на законот за Судски совет. Успешно се спроведе скринингот за Поглавјата 23 и 24 и беше подготвен и прифатен од Брисел. Сите овие резултати не се занемарување и покажува дека СДСМ сепак имал искрена намера во однос на процесите во правосудството, рече Филипче.
Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се распуштат Советите на судии и обвинители, Филипче потсетува дека СДСМ веќе јасно го кажале својот став, а тоа е дека каква било реформа во овој правосудството мора да биде мониторирана и одобрена од меѓународната заедница. Апсолутно не веруваме, а на тоа не учи историјата, дека ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да го реформира судството, напротив, сакаат да го скројат согласно своите потреби.
И на оваа тема кај нив се гледа голема неискреност кон граѓаните, во јавноста се говори едно, а зад затворени врати се потпишува друго. Само што стигна информација дека Владата писмено се согласила да не ги распушта Советите на обвинители и судии како дел од реформската агенда, за веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ да излезе на прес конференција и да речат дека не се откажуваат од таа намера“ – рече Филипче. (МИА)