Кредитните перспективи на Унгарија намалени на „негативни“
„Фич рејтингс“ ги намали кредитните перспективи на Унгарија од „стабилни“ на „негативни“, објави Блумберг.
Овој потег доаѓа откако земјата ги олесни буџетските цели за да ги зголеми трошоците пред парламентарните избори во 2026 година.
Долгорочниот рејтинг беше потврден на „БББ“, соопшти рејтинг агенцијата во соопштението.
„Мудис“ го остави својот рејтинг на „Баа2“ пред една недела, исто ниво како и „Фич“, со негативна перспектива. „С&П Глобал рејтингс“ го задржа понискиот рејтинг од „БББ-“.
„Фич“ значително ги намали своите прогнози за јавните финансии, како одраз на новите мерки пред парламентарните избори, изјавија аналитичарите Малгоржата Кшивицка и Ерих Ариспе Моралес. Премиерот Виктор Орбан ги зголеми трошоците во услови на стагнација на економијата и намалена поддршка во анкетите на јавното мислење. Мерките вклучуваат продолжување на доживотното ослободување од данок на доход за мајките, зголемување на платите и субвенционирање на хипотекарни кредити. Приносите од унгарските државни обврзници се зголемија минатиот месец откако владата изјави дека буџетскиот дефицит оваа година веројатно ќе биде околу 5 проценти од Бруто домашниот производ (БДП) во споредба со претходната цел од 4,1 процент. За 2026 година, се очекува дефицитот да остане околу 5 проценти наместо 3,7 проценти планирани во буџетот. „Фич“ прогнозира буџетски дефицит од 5,6 проценти од БДП за 2026 година, што е над ажурираната прогноза на владата.
Владата на Виктор Орбан го опиша како „важен резултат“ тоа што Унгарија избегна намалување на кредитниот рејтинг. Економијата останува стабилна делумно благодарение на достапноста на финансирање од пазарите, се вели во соопштението на Министерството за економија, цитирано од Блумберг.
Приносите од унгарските обврзници паднаа во последните две недели поради силната побарувачка за средства од пазарите во развој. Форинтата се тргува на најсилно ниво во однос на еврото од почетокот на 2024 година, поддржан од клучната каматна стапка на централната банка од 6,5 проценти – највисока во Европската унија, заедно со Романија.