Креативноста ни е потребна повеќе од кога било досега: УНЕСКО по повод светскиот ден на книгата

Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право, прогласен од УНЕСКО во 1995 година.
-На Светскиот ден на книгата и авторското право во 2025, УНЕСКО ја слави моќта на книгите да ја поттикнат имагинацијата и да го обликуваат општеството. Додека ја одбележуваме 30-годишнината од овој Светски ден, истовремено се осврнуваме и на напредокот во промовирањето на писменоста и на универзалниот пристап до книгите, но ги согледуваме и предизвиците што остануваат. Годинава, Светската престолнина на книгата за 2025 – Рио де Жанеиро во Бразил, ќе покаже како книгите можат да предизвикаат општествени промени и да создадат одржливи економски придобивки, на пример преку Парадата на книгите и со отворање нови библиотеки во најранливите делови на градот. Но за книгите да го ослободат својот целосен потенцијал, тие мора да ја одразуваат богатата јазична разновидност на нашиот свет. Многу заедници сè уште немаат доволно ресурси на својот мајчин јазик, што претставува пречка за ширењето на писменоста, за образованието и за виталното пренесување на културата низ генерациите“, вели во пораката Одре Азуле, генералнa директорка на УНЕСКО, што беше прочитана од Јовица Тасевски – Етернијан.
Посочува и дека светот не може да напредува без книги.
-Ред по ред, страница по страница, тие ги хранат нашите мисли, ни помагаат да ги истражуваме новите можности и да ја поттикнеме креативноста потребна за справување со сложените предизвици со кои се соочува човештвото. На ова одбележување на Светскиот ден на книгата и авторското право, ја потврдуваме нашата поддршка за читателите и писателите низ целиот свет затоа што денес креативноста ни е потребна повеќе од кога било досега, додава генералната директорка на УНЕСКО.
„Токму преку книгите, еден јазик станува глас, сведоштво, наследство. А македонскиот јазик – нашиот мајчин и државен јазик – пред осум децении, првпат го доби своето институционално кодифицирање, своето право на објавен збор, во учебник, во книга, кажа денес проф. д-р Славица Велева, авторка на македонската порака по повод одбележувањето на Светскиот ден на книгата.
-Оваа година прославата на Светскиот ден на книгата ја гледаме во поширок контекст што го прави денешниот датум уште поимпресивен, уште позначаен: 80 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Кога зборуваме за книгата, ние не зборуваме само за објект. Зборуваме за домот на јазикот. Зборуваме за местото каде што зборовите не само што се запишани, туку се оживеани. Токму преку книгите, еден јазик станува глас, сведоштво, наследство. А македонскиот јазик – нашиот мајчин и државен јазик – пред осум децении, првпат го доби своето институционално кодифицирање, своето право на објавен збор, во учебник, во книга, кажа проф. д-р Славица Велева, во својата порака по повод одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право во Националната и универзитетска библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Како што додаде Велева, која ја напиша македонската порака за овогодинашното одбележување на денот на книгата “во тој историски контекст, кодификацијата на македонскиот јазик не беше само изнуден лингвистички чин“.
-Таа беше чин на самопотврдување на националниот и на културниот идентитет. Со тоа, му се овозможи на македонскиот збор да стане порамноправен со сите светски јазици – и во книжевноста, и во науката, и во секојдневниот живот. Затоа, денешната прослава добива двојно значење. Го славиме зборот, но и правото на збор. Го славиме авторот, но и правото на свој јазик преку кој авторот може да создава, да зборува, да сонува. Го славиме авторското право – како продолжение на таа борба за признавање на креативноста, заштита на трудот и вреднување на умот, истакна таа.
Велева повика оваа 80-годишнина да не биде само одбележување на минатото, туку поттик за иднината.
-Нека нѝ биде потсетник дека сме должни да го негуваме јазикот што ни е пренесен од раѓањето, да ги вреднуваме оние што пишуваат и да создадеме услови во кои идните генерации ќе можат слободно, достоинствено и со љубов да создаваат на својот мајчин јазик, затоа што народите кои зад себе не оставиле никакви писмени сведоштва, а и не биле споменато од други, исчезнале од историјата и биле заборавени засекогаш. Денес, кога информатичко-комуникациската технологијата нѝ овозможува пристап до сè, ние сме пред нов предизвик: како да ја зачуваме длабочината, интегритетот и значењето на пишаниот збор…, додаде таа.
Велева повика и 23 април, Светскиот ден на книгата да биде потсетник дека читањето не е само навика, туку чин на отпор против површноста, пишувањето – чин на надеж и дека зборот сè уште има сила да менува светови.
-Затоа, да оддадеме чест на сите автори – познати и анонимни, живи и починати – кои низ вековите ни го отворија умот и срцето. Да оддадеме признание на книгата како светилиште на идеите, и да се заложиме за свет во кој авторскиот труд се вреднува и се штити. Во чест на книгата. Во чест на авторот. Во чест на македонскиот јазик!, заврши таа.