Кралот Чарлс: Важно е да се разбере историјата на Британската империја која вклучуваше ропство


Британскиот крал Чарлс Трети денеска на Самитот на Комонвелтот во Самоа изјави дека е многу важно да се разбере историјата на Британската империја, која вклучувала ропство на африканските, карипските и другите народи, со цел, како што наведе, во иднина да се донесат правилни одлуки.

Кралот Чарлс ова го изјави на самитот на Комонвелтот, на кој присуствуваа шефови на држави или влади на 56 земји, што започна во понеделникот во Самоа во Полинезија, опишувајќи го прашањето за ропството како „болно прашање“.

Говорот на британскиот крал доаѓа во време кога Африка и Карибите и другите земји продолжуваат да се залагаат Велика Британија да им плати репарации за трговијата со робови.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија ќе ги слуша говорите на официјалните лица за ова прашање на самитот, но нема да се извини за својата улога во трговијата со робови.

Министерот за надворешни работи на Бахамите, Фредерик Мичел, вчера за Би-Би-Си изјави дека нацрт-заклучоците на самитот, кои се очекува да бидат објавени утре, ќе вклучуваат параграфи кои повикуваат на дискусија за исплата на репарации.

Од 15 до 19 век, најмалку 12,5 милиони Африканци биле насилно транспортирани со брод од европските трговци и продадени во ропство.