Крај на една ера: „Ем-ти-ви“ капитулира пред Јутјуб и Спотифај

Легендарниот бренд MTV ја затвора музичката страница на својата историја – компанијата „Парамаунт Глобал“ најави дека до 31 декември 2025 година ќе ги угаси пет музички канали во Велика Британија и Северна Ирска: MTV Music, MTV 80s, MTV 90s, Club MTV и MTV Live.
Одлуката, како што велат од компанијата, е резултат на драматичната промена во начинот на консумирање музика – денес публиката слуша преку YouTube, Spotify и социјалните мрежи, додека линеарната телевизија губи на значење.
Главниот канал на MTV ќе продолжи со работа, но фокусот ќе биде на ријалити програми, серии и забавни формати, а не на музика – она по што MTV беше препознатлив симбол на една цела генерација.
MTV беше присутен на британскиот пазар уште од 1987 година, а згаснатите канали, лансирани во 1990-тите и 2000-тите, понудија ретроспективи на музиката од 80-тите и 90-тите, топ-листи, концерти и диџеј сетови од клубови низ Европа.
Со оваа одлука, симболично завршува едно златно поглавје во историјата на музичката телевизија, а MTV дефинитивно преминува од култна музичка икона – во дигитална ера на „он-деманд“ забава.