Драган Ковачки не ги поминал безбедносните проверки во НАТО

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не бил одбиен од НАТО, ниту го повлекол барањето, а не кажува дали има безбедносен сертификат


Фото: Б. Грданоски

 

Драган Ковачки, една од најударните тупаници на ВМРО-ДПМНЕ и веројатно носител на листата во Третата изборна единица, бил одбиен од НАТО за да добие безбедносен сертификат.

Тоа го тврди порталот „А1он“, кој наведува дека го добила тој документ издаден од Брисел. Тоа се случило во 2019 година. Според овој документ, Службата на НАТО за безбедност покажала дека тој не ги исполнува стандардите за да добие безбедносен сертификат. Во документот пишува и дека Ковачки го повлекол барањето, но сепак во НАТО му направиле ветинг и бил одбиен.

Ковачки во изјава за „А1он“ тврди дека не било точно дека бил одбиен за НАТО сертификат, а и дека не го повлекол барањето за добивање на НАТО сертификат. Но не наведува дека има безбедносен сертификат.

„Неточно е дека сум одбиен за НАТО серификат. Неточно е и дека сум го повлекол барањето за добивање на НАТО сертификат. Тоа е бледа конструкција на Шекеринска и Славјанка кои немаа друг начин да ме дискредитираат во јавност па преку свои канали во Брисел кодошеа и клеветеа, исто како што клеветеше и Ковачевски кој избега од судење и не се извини за изнесените лаги токму на темата. Впрочем, ако сум го повлекол барањето, како може да сум одбиен?“, рече Ковачки за „А1он“.

Документот до кој дошол „А1он“ покажува дека Ковачки поднел барање за ветинг во НАТО, со цел да биде проверено дали може да добие безбедносен сертификат, но по некое време, тој го повлекува првичното барање. Но, додека тој да го повлече барањето, службата веќе го обработува неговото барање, по што Ковачки добива негативен одговор.

„НАТО канцеларијата за безбедност иако барањето за ветинг е повлечено, сепак ја комплетираше ветинг истрагaта и врз основа на заедничката проценка на двете тела погоре споменатата личност не ги исполнува стандардите на НАТО за да поседува НАТО безбедносен сертификат“, стои во документот.