Ковачевски зборуваше за иднината, Мицкоски даваше совети

Поголемиот дел од дебатата помина во познатите расправи за францускиот предлог, за минатото. За економијата и борбата против корупција се зборуваше само маргинално


 

Без голема тензија со веќе познати ставови многу пати елаборирани во јавноста, а малку за тоа што може да ја очекува државата во иднината помина првата телевизиска дебата меѓу лидерите на двете најголеми партии, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски во студиото на Канал 5.

Најголем дел од дебатата се вртеше околу францускиот предлог, преговарачката рамка, измените на Уставот, се повторуваа работите што се одамна познати, се зборуваше за историјата, за „емотивноста“, за „предавства“ на Македонија, за немање ставови… Во основа, за работите кои последниве месеци не беа во фокусот на јавноста, но се појавија како главна суштина на дебатата. Плановите за економијата, за справувањето со корупцијата беа на маргините на дебатата во вториот дел кој заврши многу побрзо.

Мицкоски на неколку пати му забележуваше на Ковачевски дека бил нервозен, велејќи му „да ви дадам совет“, додека лидерот на СДСМ во најголемиот дел од времето зборуваше за иднината. Мицкоски не одговори на директното прашање на модераторот Гоце Михајлоски каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ ако победи на изборите и формира влада, но индиректно наведе дека ќе побара поддршка од СДСМ повторно да го преговара договорот со Бугарија, на што Ковачевски не ни сакаше да одговори.

„Потребна е храброст, трпение, знаење и решителност да се донесе одлука, како што мојата влада го направи тоа со усвојувањето на Преговарачката рамка. Во одреден момент мора да донесете одлука за да одите напред“, рече Ковачевски нагласувајќи дека преговорите ги воделе дипломати, но дека на крајот тој пресекол.

На тоа Мицкоски одговори: „Сега сум позагрижен затоа што Димитар Ковачевски е тој кој одлучувал за иднината на моите деца“.

„Христијан Мицкоски не е загрижен, туку е неодлучен“, рече Ковачевски.

„Ова ви го давам како совет“, одговори Мицкоски.

Зборувајќи дека Македонија ризикува драматично да заостане во однос на другите земји кои преговараат, споменувајќи ги БиХ, Украина и Молдавија, Ковачевски рече дека тогаш „ќе ни бидат виновни соседите, ќе ни биде виновен некој овде внатре, а најпосле ќе ни биде виновна ЕУ“.

Според Мицкоски, за членките на ЕУ бил важен само нивниот интерес, а не нашиот емотивен однос, па затоа притискале што е можно повеќе Македонија да потпише договор со Бугарија и Грција.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постојано повторуваше дека граѓаните треба да му веруваат, дека тој не ги менува ставовите, дека ако стане премиер на соговорниците ќе им зборува дека ја води владата на Македонија, а со оние кои нема да сакаат да го прифатат тоа немало зошто и да разговара.

„Јас не ги менувам ставовите“, рече Мицкоски.

„Не може Христијан Мицкоски да ги менува ставовите кога нема став. Вие ќе бидете најсреќен повторно да ги преговарате договорите со Грција и Бугарија“, му реплицираше Ковачевски.

Почетокот на дебатата беше посветен на претседателските избори и кандидатите на двете партии. Ковачевски рече дека Стево Пендаровски е претседател на сите граѓани и дека не е продолжена рака на партиите. „Често сме имале различни ставови, Пендаровски често имаше спротивни ставови од мнозинството во парламентот“, рече Ковачевски. Но тој покажа одлучност, не направи ниедна стратешка грешка и ја водеше Македонија кон НАТО и ЕУ.

За Мицкоски Пендаровски „не покажа ама баш ништо. Не ја обедини државата. Во кулуоарите се зборува дека често озборува и политички ривали и политички сојузници“. За Мицкоски споредбата меѓу Гордана Силјановска-Давкова и Пендаровски е непотребна. „Таа е извонредна личност, таа заедно со мене како премиер ќе ја врати надежта и гордоста“.

Наведувајќи дека Силјановска-Давкова на неколку пати била прогласувана за најинспиративен професор на Правниот факултет, Мицкоски рече дека таа ќе ги „надокнади петте загубени години на Пендаровски“.

„Ние не бираме претседател кој е најинспиративен професор, туку човек што ќе ја води државата напред“, одговори Ковачевски.

Економијата на маргините

Она што многумина очекуваа дека ќе биде во центарот на дебатата – економијата и животниот стандард, се најде во „сендвич“ меѓу дискусиите за криминалот и корупцијата, кривичниот законик, и меѓуетничките односи. Наместо визија за идниот развој на државата дебатата се сведе на докажување чија влада повеќе ја зголемила просечната и минималната плата, јавниот долг и кога било потешко – дали во време на финансиската и економската криза во 2008 година, како што убедуваше Мицкоски или за време на пандемијата, здравствената и енергетската криза и војната во Украина, период кога на чело на Владата беше Ковачевски.

Во однос на едно од клучните предизборни ветувања, линеарното зголемување на пензиите за 5.000 денари, Мицкоски рече дека тоа што го ветиле и ќе го исполнат.

„Граѓаните да немаат дилеми, во рок од една година пензиите ќе бидат зголемени за 5.000 денари“, рече Мицкоски.

На прашањето од каде ќе се најдат парите, кои воопшто не се мали, туку достигнуваат 320 милиони евра на годишно ниво, Мицкоски не беше конкретен туку даде општ одговор дека направиле проекции од каде тоа ќе се обезбедат, споменувајќи ги тука непродуктивните трошења, намалување на сивата економија и слично.

„Од каде парите? Само од непродуктивните трошења, кои што ги прави оваа влада на ДУИ и на СДСМ, трансферите, со криминалот и сивата економија кои што се трејд марк на оваа влада, и нивно намалување и решавање, ќе ги обезбедиме тие милијарда и двеста милиони за четири годишен мандат“, рече Мицкоски.

Ковачевски реплицираше дека бил премиер во најтешките две години по Втората светска војна од економски аспект што направи комплетна дисторзија во Европа и во светот.

„Знаев што треба да се прави, прво да обезбедиме доволно средства за најранливите граѓани, знаевме дека ќе има инфлација, дека мора да имаме антикризни мерки и притоа да ги зголемиме платите и пензиите“, рече Ковачевски додавајќи дека е свесен дека на луѓето не им е лесно и дека има родители кои ќе легнат гладни за да имаат денар повеќе за своите деца.

Тој исто така аргументираше дека според Светската банка и Виенскиот економски институт, Македонија е единствена држава која што успеала и покрај кризата да го зголеми стандардот на граѓаните.

Сепак, дебатата за економијата наликуваше на „весела математика“ – секој од говорниците изнесуваше аргументи колку биле зголемени платите и пензиите за време на владата на ВМРО- ДПМНЕ или на СДСМ, а не изостанаа ни пикантерии од типот на „бурек економија“. Ковачевски рече дека дури и според ваквата „методологија“ која неодамна ја промовираше Мицкоски, сега стоиме подобро, односно во 2016 година со минимална плата можеле да се купат 220 четврти бурек, а сега 320.

Исто така, дебатата се водеш и околу јавниот долг, кој колку ја задолжил државата, колку бил реалниот екномски раст и инфлацијата, беа изнесувани бројки и покажувани графикони, но таквиот пристап не понуди одговори за идниот развој на државата и за економските политики кои ќе се водат во свет полн со неизвесности, што најмногу ги интересира граѓаните.

 

„Од мачиња лавови не бива“, рече Мицкоски

Иако дебатата се водеше генерално на пристојно ниво, сепак, не изостанаа и „ниски удари“, како на пример, потенцирањето на Мицкоски дека СДСМ коленичеле пред ДУИ, односно дека биле нивни „измеќари“, што го повтори неколку пати, веројатно надевајќи се на некаква реакција од Ковачевски, кој остана смирен и одговори дека кога СДСМ е на власт меѓуетничките односи се на високо ниво.

„СДСМ докажа дека е политичка партија која знае да ги цени и да ги унапредува меѓуетничките односи во државата“, рече Ковачевски, додавајќи дека мултиетничките односи се императив за нормално функционирање на државата.

На прашањето дали доколку бидат во позиција да формира Влада, СДСМ повторно ќе коалицира со ДУИ, Ковачевски одговори дека дел од политичките партии се однесувале несоодветно на праксата на добро политичко однесување.

„Сметам дека Демократската партија за интеграција не се однесуваше на начин на кој што требаше да се однесува, односно одделни функционери кои ја претставуваа во Владата“, рече Ковачевски додавајќи дека сепак, претставници на истата партија напорно работеле на антикризни мерки, споменувајќи го тука министерот Фатмир Бесими.

„Но, од друга страна кога некој ќе игра фудбал во својата канцеларија, како на пример Артан Груби, тогаш народот мисли дека овие ништо не прават“, додаде Ковачевски. Притоа тој нагласи дека во следниот мандат „не само што тоа нема да биде случај, туку односите ќе бидат поставени на многу подруга основа во однос на однесувањето и застапениоста во една таква влада.“

На прашањето дали ДУИ е опција или пак има и други политички партии од албанскиот блок, Ковачевски рече дека нивната позиција е јасна и дека коалицираат со политички партии кои застапуваат многу јасна визија за европска Македонија и дека покрај ДУИ во неа учествувале и други партии, како Алијанса за Албанците, Алтернатива и други.

Мицкоски пак, рече дека често пати бил засрамен како тоа СДСМ како главен измеќар се однесувал кон ДУИ и дека тоа го болело.

„Целокупната критика се сведува на играњето фудбалче во кабинетот на Артан Груби“, рече Мицксоки, додавајќи да не е трагично, би било смешно, потсетувајќи на случајот Соравија, и други скандали.

„Ништо нема да им направат. Од мачиња лавови не бива“, рече Мицкоски.

Ставот на ВМРО- ДПМНЕ, како што рече, е дека луѓето од ДУИ треба да одговараат затоа што 20 години „ја понижуваат и ја ограбуваат државата“.

Ковачевски го потсети Мицкоски дека разговарале на оваа тема и дека на 7 јуни 2022 година му понудил да влезе во Владата при што СДСМ ќе отстапел половина од министерските места, со цел заедно да се донесат одлуките за евроинтеграциите, додавајќи дека проблемот на Мицкоски е што кога зборува за ДУИ мисли на сите Албанци, и потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ беше 11 години во коалиција со ДУИ, но тоа тогаш не им пречело.

Зборувајќи за коалицискиот потенцијал на партијата, Мицкоски рече дека по парламентарните избори, движењето Беса и партијата Беса водена од Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, Алијанса на Албанците на Арбен Таравари и движењето на Изет Меџити ќе бидат заедно со ВМРО – ДПМНЕ во идната „реформска и проевропска влада“.

Мицкоски го релативизира и условот кој редовно го повторуваат овие партии, дека прв услов за коалицирање се уставните измени, како што тоа го потенцира и Таравари.

„Тоа е реторика и фолклор кој што се споменува сега предизборно и тн. На 8 мај сите ние ќе ги видиме условите кои што ќе бидат диктирани од политичките чинители“, рече Мицкоски. „Сите добро знаат дека ниту јас ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат диктати и дека може да се обединиме само околу платформа која значи реформи и трансформација на Македонија“, додаде тој.

Ковачевски, пак, реплицираше дека на крајот на изборите на 8 мај ќе победат партиите кои што сакаат европска иднина на Македонија и кои што знаат дека врвните и најпозитивни промени во државата може да дојдат низ процесот на евроинтеграции, а не низ некакви алтернативни сценарија „кои ниту знае да ги опише ни да ги објасни ниту пак успеал во минатото“.