Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да размисли за коалицијата со Левица по гласањето за Украина


Премиерот Димитар Ковачевски утрово за „Утрински брифинг“ зборуваше на санкциите кон Русија и ефектите од нив врз нашата држава. Според него Македонија има многу мала трговска размена со Украина и Русија, а државата ќе им помогне на компаниите кои увезуваат суровини од Украина и кои треба да се свртат кон други пазари.

-Клучно погодени сектори се берзанските цени на енергенсите и прехранбените производи, како и на други суровини. Ние работиме на пакет мерки кои се однесуваат на енергијата и храната со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Засега имаме најниска цена на енергенсите, а во однос на цените на храната донесовме мерки за ограничување на цените и ограничување на маржата. Имаме и социјални пакети за енергетска поддршка на ранливите семејства. Ја покачивме минималната плата, па сега со две минимални плати може да се покрие синдикалната потрошувачка кошничка. Привршуваме со методологијата за покачување на пензиите и верувам дека уште денес ќе имаме решение за методологија усогласена со барањата на пензионерите, вели премиерот Димитар Ковачевски.

На забелешката дека Мицковски ги обвинува СДСМ дека се обидува да ги подели Македонци на про-Руси и контра-Руси, Ковачевски одговори:

-Тие обвинувања се без никаква основа. Македонската влада, СДСМ и коалиционите партнери имаат едногласен став дека го осудуваме нападот на Русија врз Украина и го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина. Членка на НАТО сме и ја поддржуваме таа политика, а се приклучуваме и кон меѓународните економски санкции. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислат зошто се во коалиција со партијата Левица која е за Русија. Тие го делат народот по партиска и етничка основа. Не поднесуваат извештаи пред народот туку пред нивниот партиски лидер, вели премиерот Димитар Ковачевски за „Утрински брифинг“.