Ковачевски, Спасовски, Лукаревска, Филипче, Митрески и Петровска носители на листите за пратеници на СДСМ
СДСМ денеска одржува седници на Централниот и на Извршниот комитет, а попладнево ќе одржи конгрес на кој ќе биде донесена одлука за листите за пратеници за парламентарните избори 2024 на 8 мај.
Според информации на МИА од СДСМ, носител на листата на партијата и коалицијата во Првата изборна единица е Димитар Ковачевски а како втора ко-носителка е Моника Зајкова од ЛДП. во Втората изборна единица прв е Оливер Спасовски а зад него Фатмир Битиќи, во Третата Сања Лукаревска и Љупчо Николовски, во четворката Венко Филипче и Јована Тренчевска, во петката Јован Митрески и Бисера Костадиновска, додека во Шестата изборна единица листата ја предводи Славјанка Петроска а зад неа е Агрон Демири.
На 28. Конгрес на партијата што започнува во 18 часот треба да се донесе конечна одлука за носителите на кандидатските листи за парламентарните избори, а пред делегатите ќе биде презентирана и програмата за претстојните избори. Во отворениот дел на Конгресот ќе се обрати лидерот на партијата Димитар Ковачевски, по што следува работниот дел, кој е затворен за јавноста.
Пред состаноците на највисоките тела на партијата Ковачевски денеска за ТВ 24 повтори дека тоа ќе биде победничката листа на изборите. Потпретседателката Лукаревска, пак, рече дека при креирањето на листите се внимавало на секој сегмент и дека СДСМ има најдобра кадровска понуда.