Ковачевски: Со ВМРО-ДПМНЕ Македонија ќе се врати во мрачни времиња


Димитар Ковачевски (Фото: Д. Митревски)

СДСМ има јасна визија за државата како земја-членка на Европската Унија и имаме јасен план како да го направиме тоа. Ние сме партијата која обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ, а обезбедивме членство во НАТО и започнување на преговорите со Унијата по 17 години чекање, изјави лидерот на политичката партија СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју на утринската програма на „Слободен печат“.

– Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаков план за јасен напредок во европските интеграции, напротив може да се слушнат нивни изјави каде што велат дека и сто години не треба да станеме членка, а можеби и никогаш. Тоа покажува дека тие ја продолжуваат политиката на Никола Груевски, нивниот поранешен претседател, со оглед на тоа дека тоа се истите ставови што ги слушавме во тоа време. Со нив Северна Македонија ќе се врати во чекални и во мрачно минато на недемократски процеси, додаде тој.

Ковачевски најави исто така дека со новата програма неговата партија предвидува зголемување на земјоделските субвенции на 750 милиони евра до 2028 година, што ќе влијае на зголемувањето на производството и извозот.

„Проектираме извозот од 750 милиони да се зголеми на 1,25 милијарди во 2028 година и докажавме дека тоа го можеме. Во производство на грозје и вино, Северна Македонија стана број 1 по извоз на вино во регионот, 13 земја во светот. Имаме приходи од над 60 милиони евра од извоз на вино, од кои над 50 проценти е флаширано“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека исто така се предвидува и 50 отсто зголемена помош за поддршка на инвестициите на македонските компании.

„До 2016 година добиваа 0 денари македонските компании. Докажавме дека македонските компании се отпорни на криза и им помогнавме со 100 милиони евра да отворат инвестициски циклус вреден половина милијарда евра за креирање на нови работни места. Таа помош планираме да ја зголемиме на 150 милиони до 2028 година, рече Ковачевски.