Ковачевски саркастичен, имала среќа Америка што го нема Пехчево
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски со сарказам ја искоментира вчерашната одлука на Советот на Општина Пехчево на 11-та седница едногласно да ја отфрли иницијативата поднесена од приватен инвеститор за отпочнување постапка за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на дата-центар.
„Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина, а богами и Кина што Пехчево не е во Шангај…… што би правеле денес со вишокот вода“, напиша поранешниот премиер на социјалните мрежи.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китaнски нагласи дека не сака да се шпекулира со можните позитивни или негативни ефекти од дата-центар без стручни анализи и елаборати. Посочи дека се консултираат стручни лица за можните придобивки, но и за потенцијалните влијанија од ваков тип инвестиција.
Во дискусијата беа отворени и прашања за потрошувачката на вода и електрична енергија, имајќи ја предвид состојбата со инфраструктурата во Панчарево, а градоначалникот Китaнски одговори дека во моментот Општина Пехчево нема стручна студија врз основа на која би можела да се утврди точната потрошувачка или влијанието на евентуален дата-центар.