Ковачевски разговараше со Борис Џонсон и Ентони Блинкен
Пријателството меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, како и сојузништвото во НАТО се силни влогови за безбедноста и стабилноста, напиша премиерот Димитар Ковачевски по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Обединетото Кралство, како што посочува премиерот Ковачевски, е наш стратешки партнер, и во континуитет ни дава силна меѓународна поддршка.
-Премиерот Џонсон ни честиташе за сите наши заложби за спроведување конструктивен дијалог кој ќе ни овозможи исполнување на нашите стратешки цели за евроатланска интеграција, напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски се сретна и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.
-Срдечна средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен за време на обраќањето на потпретседателката на САД Камала Харис. Го делиме мислењето дека заедно сме посилни како сојузници во НАТО, напиша премиерот Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Државниот секретар Блинкен, додава премиерот, ја изразил својата целосна поддршка за дијалогот и пријателството меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја споделил својата искрена желба да нѐ види заедно во ЕУ.
-САД останува наш посветен партнер во надминувањето на предизвиците, напиша премиерот Ковачевски на Фејсбук.