Ковачевски за водењето на Скопје: Главниот град е напуштен, без управа


Фото: Б. Грданоски

 

Владата сака да помогне и помага на сите општини без разлика под чија власт се наоѓаат, убеден е премиерот Димитар Ковачевски.

„Градот Скопје е напуштен, без управа. Се обидуваме да ја направиме Универзална сала, но досега нема слух. Пред две години ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе имаме најевропски град, дека ќе сме добиеле мајка на градот која заедно со нив ќе го унапредела Скопје. Делеа флаери на чело со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ по цело Скопје, дека Скопје ќе имало модерни сообраќајници, бесплатен автобуски превоз, електрични автобуси, мостови. Ако дојдете во Скопје ќе видите дека нема ништо од тоа“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.

Тој потенцира дека оваа Влада не прави разлика меѓу општините, независно дали се водени од една или од друга политичка партија.

Според Ковачевски, нема никаква субјективност во однос на објектите што се финансираат, а тоа се однесува и на Прилеп. Министерството за труд и социјална политика има доволно средства и капацитет за изградба и реконструкција на градинките во државата и веќе се направени над 70 објекти, но и општината, нагласи, треба да ги заврши своите обврски во делот на обезбедувањето проектна документација, односно обезбедување на сите урбанистички елементи потребни за такви објекти. Тоа се однесува, дополни премиерот, на сите инфраструктурни проекти.

„Како Влада покажавме дека не правиме разлика меѓу градовите, дали се водени од градоначалник или од Совет од една или од друга политичка партија. Јас бев на отворање градинка во Ѓорче Петров која што е водена од градоначалник од опозицијата, исто така бев и во други општини на пуштање на социјални згради, на пример во Бутел, или во Гевгелија на пуштање на социјална зграда, или на градинка во Струмица или во Пробиштип, што значи дека нема никаква субјективност во однос на објектите што се финансираат. Истото се однесува и на Прилеп“, рече Ковачевски.

Осврнувајќи се на Универзална сала и на Градот Скопје воопшто, тој потсети дека нема ништо од ветеното пред две години.

„Ние и во Градот Скопје се обидуваме да ја направиме Универзална сала. Досега нема слух од Градот Скопје. Градот Скопје е напуштен град, град без управа. И мене ми е многу жал што се случува во Скопје. Ние како Влада сакаме да помогнеме и затоа понудивме помош во однос на неколку големи инфраструктурни проекти на територијата на Градот Скопје исто како што сме понудиле и во другите градови, меѓутоа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои го управуваат  Скопје, немаат никаков слух за такво нешто. Така, она што останува е прво на следните избори, победа на претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, победа на парламентарните избори на европската коалиција со која ќе влеземе во 2030 година во ЕУ“, истакна премиерот.

Граѓаните сфатија, додаде, која е разликата.

„Граѓаните две години гледаат едно големо ништо во општините и сметам дека и на изборите во 2025 година, веќе нема ни две години до изборите, и таму ќе ја видите разликата кога градовите повторно ќе бидат водени од СДСМ и коалициските партнери и кога ќе имаме напредок во сите сфери“, истакна Ковачевски.