Ковачевски: Нема да дозволиме да се сее семе на раздор

Во изминатите години бевме сведоци и на обиди за интра-етнички поделби. Лагите за бугаризација беа токму тоа


Фото: Б. Грданоски

„Меѓуетнички тензии меѓу граѓаните нема, иако има обиди за предизвикување поделби кои сигурно ќе ги гледаме и во предизборието. Тука не мислам само на меѓуетнички поделби, во изминатите години бевме сведоци и на обиди за интра-етнички поделби. Лагите за асимилација и бугаризација беа токму тоа, обид за поделба меѓу Македонците“ изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за „Локално“.

Тој додаде дека ваквите поделби секогаш доаѓаат од страна на, како што кажа, несериозни, недржавнички, неспособни, политички субјекти или поединци кои не и мислат добро на земјата или одработуваат за туѓи интереси.

„Сите кои посакуваат некаква нестабилност на земјата и сеат семе на раздор ќе ги разочарам, тоа нема да го дозволиме. Прво граѓаните се свесни, зрели и не дозволуваат да се создаде почва за поделби, етнички тензии и раздор по било која основа. Знат граѓаните дека од тоа сите ќе имаме само штета и нема да го дозволат. Второ политиките на европски вредности, кои значат меѓусебно почитување, разбирање, поддршка, еднакви можности се политики кои ги обединуваат луѓето без разлика на вера, нација, убедување“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека Северна Македонија стана членка на НАТО, со осигурани граници на унитарна Македонија, почна преговори со ЕУ, со употреба на македонскиот јазик во европските институции и со признание на македонски идентитет и така ќе продолжи.

„Лицемери, кои обвинуваат за наводни предавства за време на избори со цел да го загрозат најсветото – мирот и иднината на граѓаните, во недостиг на визија за напредокот на државата, тие не заслужуваат и нема да ја водат државата“ рече Ковачевски.

Во однос на Законот за рестриктивни мерки вели дека тоа е уште една потврда на решителноста и посветеноста на Владата предводена од СДСМ за борба против корупцијата која дава резултати“.

Тој додаде дека овој закон претходната Влада веќе го донесе, усогласен со надлежните институции, и го испрати во Собранието.

„Техничката Влада и премиер во моментов преземаат некакви активности од административна природа, како што ја информираат јавноста, но јасно изјавија дека Законот ќе биде доставен повторно во Собранието што и очекувам да се случи“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека за борбата на Владата која тој ја предводеше против корупцијата говори и Индексот на перцепција на корупција за 2023 година на Транспаренси Интернешнл, според кој Северна Македонија има подобрување и се наоѓа на 76-то место со 42 индексни поени, споредено со 2022 година кога бевме на 85-то место.

„Земјата забележува напредок во борбата против корупцијата и тоа дава поттик за оваа тема и понатаму да остане еден од врвните приоритети на СДСМ и Владата која ја предводев и ќе ја предводам на европскиот пат. Воедно, мислам дека е важно да нагласам дека САД се наш стратешки партнер и тие го поздравуваат секој напор и секој закон со којшто се бара отчетност и одговорност. Во тој контекст, ваков тип на закони неспорно придонесуваат кон безбедна и сигурна иднина за граѓаните“ рече Ковачевски за „Локално“.