„Нема да има пардон“: Ковачевски најави ригорозни мерки за зголемените цени

Цените на светските берзи се многу помали отколку Во Македонија, порача вицепремиерот Битиќи. Тој вели дека покрај бизнис има нешто што се вика етика


 

Додека во регионот најголемите трговци одржуваат состаноци со владите за да се најде начинот како да се намалат цените на производите, кај нас Владата мака мачи да најде заеднички збор со најголемите трговски синџири. Во Хрватска премиерот и министрите овие два дена одржуваат состаноци со десетте најголеми синџири на трговци со храна за да се намалат цените на 360 производи од основната кошничка. А потоа би можело да се оди и до илјада.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска изјави дека цените во Македонија растат многу повеќе отколку во соседните земји и во ЕУ. И многу повеќе отколку на светските берзи. Тој вели дека „нешто се случува“ во трговската мрежа во Македонија. 

„Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна и изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската унија се за една четвртина помали отколку што се тука. Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички“, рече Битиќи.

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека најранливите категории граѓани, пред сѐ пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студенти и средношколци ќе добијат државна помош со прераспределбата на Буџетот кој е доставен до Собранието. Тој најави дека ќе се преземат ригорозни мерки за зголемувањето на цените во малопродажбата.

Одговарајќи на новинарски прашања по направениот увид на градежните работи за изградба на затворен пливачки базен во Општина Карпош тој ги потврди најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека веќе се издвоени финансиски средства за најранливите категории граѓани.

Премиерот Димитар Ковачевски најавува остри мерки против оние што сакаат да прават големи профити во време на криза

„Сметам дека финансискиот антикризен пакет треба да биде обемен за да опфати повеќе граѓани, кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства во текот на зимските месеци. Со оглед на тоа дека се работи за категорија граѓани кои не можат да остваруваат дополнителни приходи“, изјави Ковачевски.

Тој информира дека вчера со министрите за економија и за финансии разговарале за движењето на цените во малопродажбата и оти забележале нивно нереално зголемување.

„Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти, се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Сигурно ќе има негодувања, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај“, нагласи претседателот на Владата.

Тој рече дека во опција е и замрзнување на цените, нагласувајќи дека мерките ќе бидат ригорозни.

Претходно и вицепремиерот Фатмир Битиќи порача дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.

„Неетичкото однесување води до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна“, порача Битиќи, посочувајќи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори. 

„Неетичкото однесување прави да не можеме да ги задржиме младите. На денешниот настан зборуваме за можности на младите, а од друга страна се соочуваме со секакви неетички однесување на кoj билo и затоа се поставува прашање како да ги убедиме да останат и да им кажеме дека креираме нови можности. Ние ги пробавме сите опции за цените на производите. Доаѓам од бизнис секторот кој работи за профит, но покрај профит постои и етика и морал. Затоа вчера отидов во Комисијата за заштита на конкурентноста и разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува со цените“, рече Битиќи.

Според него, кај нас најголеми проблеми со цените има во сегментот на големата потрошувачка што е директно поврзано со основните прехранбени производи. Затоа мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.

„Борбата за да ги задржиме младите не е борба само на еден поединец или на една Влада, туку е борба на сите чинители во општеството. Тоа мора да го разберат сите без разлика дали се стопанственици, политичари, академици или се обични граѓани – дека мораме да си ја сакаме земјата онака како што си се сакаме себеси“, посочи Битиќи. (Н.В.)