Ковачевски му порачува на Мицкоски да го соблече „салонското одело“ и да дојде во „Суводол“
Првиот човек на акционерското друштво ЕСМ, Васко Ковачевски денес ги повика ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на таа партија, Христијан Мицкоски, да не одмагаат во врска со состојбите во РЕК „Битола“ и поплавените рудници „Суводол“ и „Брод Гнеотино“. Ковачевски во видео изјава, очигледно изнервиран од постојаните напади од ВМРО-ДПМНЕ, им порача „да молчат“, а на Мицкоски „да го соблече удобното салонско одело и лакираните чевли“ како и да облече работнички алишта и да дојде во рудникот „Суводол“.
„Вработените во рудниците вложуваат максимални напори да се средат состојбите и да се врати нормалното функционирање во рудникот ‘Суводол’, а потоа и во рудникот ‘Брод Гнеотино’. Нивната мотивација е голема од една страна, но крајно се разочарани од политичките изјави на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицкоски кој што во овој период наместо да помогне, само одмага. И затоа топло препорачувам најдобро е во овој момент тие да молчат. И ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски“, рече Ковачевски.
Тој исто така се осврна и на постојаните забелешки кои што деновиве доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ и од Мицкоски во врска со состојбите во РЕК „Битола“ и ЕСМ и јавните набавки што ги правеше компанијата.
„Доколку нешто не им е јасно, посебно на професорот Мицкоски кој што во одреден период бил и директор во компанијата, нека го соблече удобното салонско одело и лакираните чевли, нека облече равботнички алишта како нас и нека дојде во рудникот ‘Суводол’ да види со каква елементарна непогода се справуваме сите во комбинатот и во нашата компанија. И да види и да се сретне со работниците во рудникот и во очи да им каже дека тие работници не треба да добиваат пет отсто повисока плата, не треба да добиваат К-15, не треба да добиваат ладен оброк и дури не треба да добиваат ниту вода за пиење. Само така професорот Мицкоски ќе ја знае реалната состојба како е на терен, како е во рудникот ‘Суводол’“, рече Ковачевски.
Според него крајно неетички и неморално е, како што рече „ниските страсти ВМРО-ДПМНЕ да ги изразува преку прес-конференции на нивните портпароли.
„Меѓутоа нас тоа нема да не обесхрабри, ние сме силни, ние сме храбри, мотивирани сите заедно во компанијата со наш ангажман ќе ја надминеме оваа криза и за многу брзо комбинатот РЕК ‘Битола’ ќе биде ставен во полна функција, а исто така и компанијата, која впрочем не се темели само на РЕК ‘Битола’. Работиме и на производство на енергија од хидроелектраните, од ветерниците, ставена е во функција и гасната централа ‘Когел’, а подготвена за функција е и РЕК ‘Осломеј’ во Кичево, изјави Ковачевски.
Претходно денеска ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение со фотографии и видеа, обвини дека „неработењето на багерите во РЕК е шанса за нови тендери и набавки и ново покачување на струјата за граѓаните“.
Од партијата посочија дека надвор од употреба е главниот багер за ископ на јаглен, УНЕКС КУ 300, на кој веќе 30 години се потпира јагленовиот ископ, а вториот по големина багер кој е означен како 630/2 е со поплавена трака и исто така е вон функција.
„Единствено функционален е СРС 323, но тој нема капацитет за да опслужи ниту половина блок, и со тоа сериозно се загрозува нормалното функционирање на РЕК ‘Битола’ и производството на струја од истиот капацитет“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваајќи дека „власта не можеше да ги санира последиците од еден пообилен дожд и целосно крахира на поле на енергетиката“.
(Н.В.)