Ковачевски со Мишел и Дер Лајен: ЕУ сака преговори со Македонија без одлагање


Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на дводневната работна посета на институциите на ЕУ, денеска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел. 
На средбата премиерот изрази благодарност за посветеноста на европската иднина на Северна Македонија со неговите лични заложби за отпочнување на пристапните преговори на земјата со ЕУ без одлагање.

Тој исто така истакна дека новата Влада го задржува фокусот на клучните реформски области за европеизација на владеењето на правото и борбата против корупцијата, демократското владеење, економскиот развој, енергијата и климата и дигиталните транзиции, како и на унапредување на добрососедските односи и европската интеграција.

За време на разговорот, Ковачевски го информираше  Мишел за започнатиот интензивен дијалог меѓу владите на Северна Македонија и Бугарија. Од зачестената комуникација во наредниот период се очекуваат резултати кои ќе го помогнат изготвувањето на патоказот за спроведување на заеднички прифатените проекти за унапредување на довербата и за билатералната соработка со крајна цел да се деблокира постапката за првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.

Премиерот Ковачевски и претседателот на Европскиот Совет споделија заеднички став дека е забележлива подготвеноста на владите во Скопје и Софија да се удвојат напорите за подобрување на односите меѓу земјите и дека во таа насока ангажманот на европските институции во помагањето за деблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ за Северна Македонија, како и за Албанија, се очекува позитивно да влијае на динамиката на реформи во Западен Балкан. На средбата во Европскиот Совет беше истакната соработката меѓу ЕУ и НАТО за дипломатски одговор и деескалација на кризата во Украина.

Подоцна Ковачевски имаше средба и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, на која премиерот истакна дека во наредниот период, за време на претседавањето на Франција со ЕУ едно од клучните очекувања е засилениот ангажман на ЕК да помогне во деблокирање на процесот за проширување со Северна Македонија и Албанија.

 

Во таа насока тој како охрабрувачка ја оцени брзата организација на неговата работна посета на Брисел, заради можноста највисоките претставници на ЕУ да бидат запознаени со резултатите од интензивната агенда на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Според него, од исклучителна важност во тој процес е вклучувањето на ЕК и француското претседателството со ЕУ за да се овозможи решенијата да бидат во согласност со европските стандарди и вредности. Двајцата соговорници на средбата се согласија дека од голема важност е што поскоро да започне преговарачкиот процес за Северна Македонија за да се одржи динамиката на реформите.
 
На средбата стана збор и за ефектуирањето на финансиската поддршка од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан за проектите за железницата со Република Бугарија, за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за парк за ветерна енергија и за соларна централа, како и за интерконекторот за гасно поврзување на Северна Македонија со Србија.

По завршувањето на средбите Ковачевски даде изјава за медиумите во која посочи дека лидерите на институциите на ЕУ се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија за отворање на поглавјата без одлагање.
 
-Тука сите се едногласни дека Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ веднаш, рече премиерот.