Ковачевски: Ќе предложиме формирање на Енергетски солидарен фонд за социјално ранливите категории граѓани
АД ЕСМ веднаш по формирањето на новата Влада, ќе предложи формирање на Енергетски солидарен фонд, односно фонд за поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
„Цената на електричната енергија, зголемувањето и плаќањето на сметките, различно влијае кај секој поединец. Кај посиромашните повеќе се чувствува, кај повеќеимотните е поблаг тој удар. Токму затоа, размислуваме да се формира енергетски социјален пакет, односно количество на електрична енергија кое ќе биде донирано кон ранливите категории на наши граѓани. Сметам дека на тој начин можеме да го подобриме стандардот и квалитетот на живеење на таа категорија на граѓани”, изјави генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски во вестите на 24 ТВ.
Тој уште еднаш образложи дека по либерализацијата на пазарот на електрична енергија на 1 јули 2019 година, компанијата ја нуди произведената електрична енергија на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ по цена која не мора да биде обврзувачка за набавувачот, но која истовремено е далеку пониска од цената на пазарот. Производителот на електрична енергија учествува со околу 40 отсто во формирањето на цената за домаќинствата, додаде Ковачевски.
„АД ЕСМ изминатите три години е, условно кажано, заштитник на цената на струјата за граѓаните и испорачува 100 отсто од потребите на ‘ЕВН Хоум’ наместо законски предвидените 75 отсто, по износ понизок од пазарната вредност на електричната енергија. Во спротивно, ‘ЕВН Хоум’ ќе треба да набави дел од електричната енергија по повисока цена од компании кои имаат лиценца за трговија со струја, со што ценовниот удар врз граѓаните би бил далеку, далеку поголем”, рече Ковачевски.
Тој додаде дека најголем дел од приходите што ги остварува АД ЕСМ се инвестираат во производствените капацитети, со што се гарантира стабилноста на електроенергетскиот систем, а се вложува и во обновливи извори на енергија.