Ковачевски ќе го повика целото раководство на Град Скопје за Владата да им помогне

Граѓаните не заслужуваат да гледаат кавга две години помеѓу раководството на ВМРО-ДПМНЕ и раководството на Градот Скопје, вели премиерот


Од 50-годишниот јубилеј на ЗЕЛС во април 2022 година (Фото: Б. Грданоски)

 

Бидејќи градот Скопје не функционира и речиси сите работи се во застој, премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека планира да го повика целото раководство на град Скопје, со цел да видат каде и како може Владата да помогне.

„Доколку парното не беше субвенционирано од страна на државата и доколку не се обезбеди преземање на целокупната мрежа и на производството на топлинска енергија – тогаш Скопје ќе немаше парно. Тоа е обврска на Градот Скопје. Тоа е обврска на опозицијата којашто се фалеа дека ќе го направеле Скопје метропола, а гледајте сега што е. Не може да се допре до ништо во Скопје што е започнато. И од таа причина јас планирам да го повикам раководството на Скопје за да видиме, како Влада што можеме да помогнеме, бидејќи граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат да се караат по цел ден кој бил во право“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на поставување камен-темелник на нова полициска станица во Аеродром.

Тој рече дека граѓаните во големо мнозинство гласаа пред две години за избор на нов градоначалник, тие тој градоначалник го бираа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

„Граѓаните не заслужуваат да гледаат кавга две години помеѓу раководството на ВМРО-ДПМНЕ и раководството на Градот Скопје. Затоа јас сериозно размислувам да го повикаме целото раководство на Градот Скопје за да се види каде Владата може да помогне во санирањето на дел од потребите на граѓаните“, додаде Ковачевски.

Премиерот нагласи дека во предвидените ставки во Буџетот за антикризни мерки има и субвенционирање на парното греење, па по разгледување на цените за електрична енергија и гас, односно она што се користи за производство на топлинска енергија, Владата ќе го субвенционира парното со цел да нема ценовен шок за граѓаните претстојната грејна сезона.

Пред една недела, Советот на Град Скопје, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, ја изгласа иницијативата за Владата да ја преземе изградбата на Универзална сала.

Градоначаничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба во рок од 7 дена да изготви одлука за предавање на Универзална сала на Министерството за култура.
 

„Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура“, стои во заклучокот по гласањето на иницијативата.