Ковачевски ја повика опозицијата да се надмине себеси

Исходот од декемврискиот самит на ЕУ зависи само од нас, односно од тоа дали опозцијата во земјава ќе се надмине себе си во однос на усвојувањето на уставните измени што се наша обврска и услов за отворање на поглавјата во преговорите, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Декемврискиот самит ќе покаже дека тоа што ќе се случи на него зависи од нас. Односно, доколку ние ја донесеме одлуката која што ја имаме како обврска во однос на вклучувањето на делови од други народи во Преамбулата на нашиот Устав, тогаш и одлуката на декемврискиот самит ќе биде позитивна и Македонија ќе ги отвори поглавјата. И затоа велам дека сега зависи од нас, бидејќи ЕУ ги исполни своите обврски во однос на одржување на првата меѓувладина конференција на македонски јазик, за потпишување на договорот Фронтекс на македонски јазик со сите други јазици на ЕУ одобрени од сите земји членки на ЕУ што не беше никогаш претходно случај. Тие ги исполнија своите обврски, наведени во преговарачката рамка, останува ние да ја исполниме нашата обврска“, рече Ковачевски на новинарско прашање за очекувањата од декемврскиот самит на ЕУ.
„Доколку не се надминат себеси, тогаш ќе ја гледаме репризата на 11 самити на НАТО и на 11 самити на ЕУ додека тие беа на власт, кога не се случуваше никаква одлука, ниту еден милиметар напред во евроинтеграциите. Ќе имаме ситуација во којашто само Никола Груевски е заменет со Христијан Мицкоски, еден претседател заменет со друг со ист пристап во политиката“, оцени Ковачевски.
Прашан за придобивките од Планот за раст на ЗБ на ЕК, Ковачевски истакна дека се работи за исклучително важен план којшто, вели и ние го баравме од ЕУ, а со кој граѓаните и компаниите ќе можат да ги почувствуваат бенефити и придобивки од ЕУ уште пред полноправното членство.