Ковачевски: Демократијата е како кислород, не ја враќајте државата во дивите времиња на ВМРО-ДПМНЕ


Со  порака да се здружат силите на патот кон Европската Унија, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија вечерва го одржа завршниот митинг во Скопје, непосредно пред изборите закажани за среда. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на присутните граѓани им порача дека двојните избори на 8-ми се последниот повик за Европа и од тоа нема да се откажат.
 
„Исто како што не се откажавме изминативе седум години кога се соочивме со многу предизвици. Кога се боревме со сите кризи, со пандемијата, со инфлацијата, со енергетските проблеми! Знаете и самите дека имавме многу подеми и многу падови. Но, во ниту еден момент, ниту се откажавме, ниту се предадовме, ниту се повлековме. Бевме рамо до рамо со граѓаните“, изјави на митингот претседателот Ковачевски.
 
Ковачевски додаде дека во време на СДСМ платите се золемиле за 120% а пензиите за 55%, со антикризни мерки во висина од над 2,6 милијарди евра и 2,5 повеќе странски директни инвестиции со подобри платени работни места.
 
„ И ова, не е мала работа. Многу поголеми и поразвиени земји од Македонија едвај излегуваа на крај со кризите, а ние единствени од цела Источна европа успеавме да го зголемиме животниот стандард на граѓаните. Тоа го потврди и реномиран виенски економски институт. И горди да бидете сите на тоа, затоа што сите вие дававте поддршка на тие политики кои ги водеше СДСМ, и коалиционите партнери од коалицијата за европска иднина. И бидете горди што покажавме на дело дека социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквално ја спасија земјата од колапс“, посочи Ковачевски на вечерашниот митинг. 
 
Солидарноста, заедништвото, социјалната држава и правдата, потенцира претседателот Ковачевски, се оние кои помогнаа да се извлечеме од хаосот што го носеа кризите, но и ни овозможија да одиме напред и да постигнеме одлични резултати.
 
„ Бидете горди што покажавме јасно дека социјалдемократијата не е само идеологија на хартија, туку е единствен начин како општеството и државата да се подобрат и да обезбедат прогрес и просперитет. И денес имам уште една можност да порачам дека вистинските социјалдемократи се овде, тука на овој плоштад. Во моментов се и на плоштадот во Битола. Не се вистински социјалдемократи оние лажните кои се ујдисаа со наследниците на Ванчо Михајлов и кои заедно со него планираат да им зададат удар на вистинските социјалдемократи. Ама овие социјалдемократи се направени и настанале 1943 година, а оние социјалдемократи оние кои лажно се претставуваат дека знаат што е социјалдемократија, па затоа се крстиле веројатно  ЗНАМ, тоа се лажни измислени 2021 година во  Белата палата на 200 метри од тука. Бидете горди затоа  што СДСМ е единствената социјалдемократска опција, граѓанска партија, партија со традиција, партија која е длабоко вкоренета во историјата на Македонија. Бидете горди и затоа што ние никогаш не сме се откажале кога требало да се донесат тешки одлуки за државата да оди напред “, им порача Ковачевски на скопјани.
 
Тој ги наведе зачленувањето во Обединетите Нации, добивањето на кандидатски статус на Македонија за влез во Европската Унија и зачленувањето во НАТО како тешки, но исправни одлуки што се донесени во време кога СДСМ била на власт и порача дека исто така СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе земјата и во ЕУ.
 
Тој нагласи дека СДСМ не бегаат од одговорност и свесни се за кадровските, политичките и коалициските грешки, за разлика од Мицкоски и Груевски.
 
„За направените грешки, ние ја добивме казната. Потполно сме свесни за тоа и ја примивме пораката со достоинство и со почит. И вие видовте и самите, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме. И затоа, сакам да ви порачам од тука, јасно и гласно: ако ја добиеме довербата од граѓаните, тоа повеќе нема да се случува. Тоа е моето ветување до вас“, изјави претседателот Ковачевски.
 
Ковачевски додаде дека како држава стигнавме многу далеку, од заробена држава со угнетени медиуми, истепани студенти, заробено судство и криминал,до тоа  да бидеме земја-членка на НАТО и со започнати преговори за влез во Европската Унија.
 
„ И за тоа да продолжи мора да се бориме, да продолжиме да ја менуваме Македонија, и да ја направиме европска држава! Да обезбедиме систем за сите, да можат законите да важат за сите, да има исти права за сите, да има ред и поредок, повисок стандард, безбедна и стабилна земја! И за тоа да се случи, има само еден пат, има само еден начин! Со членството во ЕУ, со поддршката на Европската Унија, со нашите стратешки партнери САД и сите наши сојузници кои треба да ни помогнат да направиме подобро место за живеење во Македонија а не нивните места да бидат подобри места за живеење за Македонците.  Членството во ЕУ е единствениот начин за суштински промени во државата “, им порача Ковачевски на скопјани.
 
Преку реализацијата на Програмата за европска иднина, додаде Ковачевски, ќе се придонесе за повисоки плати и пензии, поголема поддршка за младите, бизнис заедницата, ќе се подобрат условите во образованието и јавното здравје, но и конечно ќе се расчисти со криминалот и корупцијата во македонското општество.
 
„ Демократијата е како кислород. Кога е тука, не ја забележуваме. Кога ќе ја снема, почнуваме да се чувствуваме задушено. Кога нема демократија, настапува смрт. Смрт  за слободни медиуми, за слободна мисла, за слобода на изразување за слобода на протест. Едноставно шепотите, седите дома, се криете и немате каде да го кажете вашето мислење.  Да не си играме со нашите демократски вредности и да осигураме силен СДСМ во Собранието за да може да бидеме чувари на демократските институции. Да осигураме дека нема да ја вратиме државата во „дивите“ времиња на ВМРО – ДПМНЕ и Груевски “, им порача Ковачевски на скопјани.
 
Тој ги потсети граѓаните дека само тие избираат дали ќе живееме во минатото и тоталитаризмот на ВМРО-ДПМНЕ или ќе заедно ќе градиме слободна, просперитетна и европска иднина.
Затоа ги повика да гласаат совесно и одговорно затоа што гласањето на избори е најмоќниот демократски инструмент во рацете на граѓаните, но во исто време одлуката кого ќе поддржат со себе носи голема одговорност. 
 
„ Пред да го заокружите бројот, убаво размислете каква иднина замислувате за Македонија, каква држава сакате за вас и вашите деца. Не дозволувајте врз таа одлука да влијаат евтините дневно-политички ветувања и националистички наративи на ДУИ и на ВМРО – ДПМНЕ. Погледнете ја големата слика, визуелизирајте како ќе изгледа државата по четири години ако довербата ја дадете на проевропска партија, а како ако гласате за наследниците на последниот автократ во Македонија “, истакна Ковачевски.  

 

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, на завршниот митинг пред изборниот молк,  рече дека од страната на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден конкретен став, ниту еден конкретен план за клучните прашања за државата.

„Тие велат ќе го почитуваме договор од Преспа, но нема да кажувеме Северна. Да го каже тоа малолетно дете од 4 или 5 години, па ќе се насмеете, но кога тоа го кажува возрасен човек и професор, единствено ви останува да ја жалите госпоѓата. Не може да почитувате Преспански договор ако не почитувате Северна Македонија. Кога имате работа со луѓе кои за Рамковниот договор велат дека го надминало времето, значи дека тие луѓе немаат чувство за тоа во каква држава живеат, каква е популационата структура и каква е можна Македонија. Македонија е можна само како заедница на потполно рамноправни граѓани, без разлика колку сме различни“, порача Пендаровски.

Пендаровски повика на масовна излезност во среда и заокружување на бројот еден и на парламентарните и на претседателските избори. Тој исто така порача декасамо бројот „1“ на парламентарните и на претседателските избори е гаранција дека државата може да продолжи по вистинскиот пат.

„Знаеме дека првиот круг беше загревање за големото финале сега во среда, знаеме дека ќе има поголема мобилизација во вториот круг и знаеме дека ќе однесеме двојна победа на осми мај. Со заокружување на бројот 1 и на претседателските и на парламентарните избори да им покажеме на оние кои Македонија ја замислуваат само како нивна приватна држава, дека нема да успеат“ порача Пендаровски.