Ковачевски и шпанскиот премиер Санчез разговарале за социјалдемократските вредности
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски за време на учеството на конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) во Рим, се сретна со шпанскиот премиер Педро Санќез. Санќез е претседател на Социјалистичка работничка партија на Шпанија..
Според соопштението од партијата, двајцата соговорници ја истакнале важноста од негување на социјалдемократските вредности како темел на демократските општества, кои придонесуваат во економскиот и социјален развој на европскиот континент.
На средбата било потенцирано дека социјалдемократските прогресивни политики треба да продолжат и понатаму, земајќи го предвид претстојниот изборен период во Македонија и во Европската унија. Според Ковачевски, Македонија само со СДСМ има јасна перспектива за европска интеграција, односно на воведување на европски стандарди и вредности.
Педро Санчез на средбата оценил дека отворањето на преговорите со ЕУ е од големо значење не само за реформските процеси во државата, туку е важно и за актуелните геополитички и безбедносни околности во регионот и во Европа. Санчез ја поздрави конструктивноста во партнерството на Македонија со ЕУ во предизвиците предизвикани од воената агресија врз Украина.
На средбата присуствувале и Бојан Маричиќ, секретар за меѓународна соработка и прв вицепремиер, како и Бисера Костадиновска–Стојчевска, потпретседателка на СДСМ и министерка за култура.