Ковачевски и Мицкоски избрани во ист ден. Дали ќе си честитаат меѓусебно?

Ова е единствен случај во македонската политичка историја двете најголеми партии да изберат свои лидери во ист ден. Но сцената за нивниот избор беше сосема поинаква – Христијан Мицкоски беше избран речиси едногласно да ја предводи ВМРО-ДПМНЕ наредните четири години на конгрес на кој сите однапред го знаеја резултатот. Тој беше единствен кандидат.
Владејачката СДСМ веќе втор пат има сосема поинаква демократска постапка – неговите членови лидерот го избираат на вантрепартиски избори. Таму во трката меѓу тројца кандидати убедлива победа однесе Димитар Ковачевски.
Едно од најинтригантните прашања за новата политичка клима во државава (по сите повици за нови избори, криминали, предавства, успеси и за проширување на мнозинството со парламентот) е дали овие двајца лидери ќе си честитаат меѓусебно. Барем по телефон. И да биде таа честитка куртоазна, сепак ќе може да придонесе за некакво намалување на тензиите и длабоката поделба во општеството.
Иако прашањето е – дали, одговорот би требало да биде – да. Затоа што партиите се во натпревар со идеи, идеологии и програми за тоа како на подобар начин да се води државата, а не во накаква борба на живот и смрт. (Н.В.)