Ковачевски и Филипче повикаа на општа мобилизација на 8 мај


Од митингот на СДСМ во Струмица

 

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва ги повика граѓаните на општа мобилизација на 8 мај и да гласаат за европска и сигурна иднина во Македонија и да не дозволат ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт во државата.

„Гласот ‘за’ СДСМ е глас за вас, за вашите блиски, вашите деца, внуци. Гласањето ‘за’ е глас за европска Македонија“, истакна Ковачевски.

Според него, поддршката од ЗНАМ за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, Ковачевски ја оцени како јасен доказ дека СДСМ е единствена социјалдемократска и прогресивна политичка опција во државата.

„Маските паднаа! Јас постојано говорев дека тој политички субејкт е направен единствено за лична корист и заради поддршка на ВМРО–ДПМНЕ. Но ние нема да дозволиме ниту ВМРО, ниту ЗНАМ, ниту кој било друг да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме никакво право нив да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме историска должност и обврска да обезбедиме европска иднина за нашите деца“, рече тој.

Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните на 8 мај масовно да излезат на гласање и да ја поддржат европската иднина на Македонија. „Иднината на Македонија е во Европската унија, во друштво на развиените западни демократии. Затоа, подаваме рака на сите прогресивни и проевропски сили за идна соработка и повикуваме на општа мобилизација на сите напредни граѓани на 8 мај“, нагласи Ковачевски.

„Доаѓањето на ВМРО на власт ќе стави крај на независните медиуми, на независното судство, правдата и правичноста, на сметка на зголемените меѓуетнички тензии. Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ играат опасна игра. Она што е во наша корист е тоа дека сите знаеме како изгледа владеењето на режимот“, рече Ковачевски.

И носителот на изборната лизста на „Четворката“, Венко Филипче, повика на голема мобилизација.

„И покрај сите предизвици, но и грешки кои ги направивме, СДСМ остана доследна да обезбеди ваква иднина за нашите граѓани. Во многу работи успеавме, но и во некои потфрливме. Некаде го изодевме целиот пат, некаде стигнавме до пола. 

Но, вистината е дека наместо на ситни дневно политички поени, се фокусиравме на трајни политички решенија. Не беше лесно да се донесат визионерски одлуки со кои се решаваат проблемите за овие и многу следни генерации. 

На митингот во Струмица беше и Зоран Заев

Ова е суштинската разлика помеѓу она што го нудиме ние и она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ. Ние играме со отврени карти. Нема скриени агенди, нема завиени и лажни одговори. 

ВМРО-ДПМНЕ игра со скриени карти. А кога некој ви продава производ што не може да го видите, бидете сигурни дека со тој производ нешто не е во ред“, рече во обраќањето Филипче. 

Тој зборуваше и за оние кои останале дома за време на првиот круг на претседателските избори. „Многумина сметаа дека нивниот глас не е важен или сакаа да испратат порака. Вчера сретнав еден наш член кој ми рече: ‘Венко, не гласав, се разочарав’. Други ми кажаа дека решиле и протестно да гласаат. Јас сите нив ги разбирам. 

Но пред сите нив, а сега и пред вас исправено стојам и кажувам: СДСМ нема да ве изневери! Не можеме да си дозволиме да молчиме, не можеме да си дозволиме да останеме дома. СДСМ ќе се промени. Затоа, сите кои сте разочарани, сте останале дома, сте решиле на некој начин да изразите револт, во ред е. Но казната и на парламентарни избори би значела удар за самите вас, не само за партијата. Ќе значи заслабување на партијата која ве уверувам дека ќе се врати многу брзо на правилниот колосек. Но за тоа е потребна вашата поддршка“, нагласи Филипче.

Според него, ЗНАМ бил само сателит на ВМРО-ДПМНЕ кој имал за цел да ја разедини СДСМ, а потоа да си оди во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. „Но најтажно од се е тоа што ЗНАМ ќе биде искористен еднократно, а потоа фрлен на буниште. ВМРО-ДПМНЕ ќе го уништи ЗНАМ во најкус рок, откако тој политички ќе му послужи. На ова нѐ научи историјата, а историјата секогаш се повторува“.