Ковачевски: Грковска е независна во својата работа

Премиерот потенцираше дека работата на вицепремиерката не значи дека таа е некаков извршен орган или има некакви други надлежности


Фото: Б. Грданоски

 

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, е независна во своето работење, бидејќи таа е на позиција од која што се грижи практично за координација на повеќе аспекти – од владеење на право, дигитализација, унапредување на процесите, пружање на подобри услуги на граѓаните и унапредување на работата на инспекциските органи и нејзината работа се однесува на сите функционери, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на прашање во врска со информациите што Грковска ги изнесе во интервју за МИА дека нејзиниот Кабинет има иницирано три постапки за функционери за злоупотреби, Ковачевски рече дека кога ќе има што да соопшти вицепремиерката за добро владеење, сите ќе можеме да бидеме информирани.

„Сѐ она што има да го соопшти вицепремиерката, тогаш кога ќе може да го соопшти, ќе можеме да бидеме информирани“, рече премиерот.

Во изјавата Ковачевски потенцираше дека работата на вицепремиерката не значи дека таа е некаков извршен орган или има некакви други надлежности.

„Меѓутоа таа е адресата и тој дел од Владата каде што пристигнуваат сите забелешки кои ги имаат одредени граѓани и институции по однос на работењето на кој било функционер. Работата на тој сектор е помогната и со знаење, и со процеси, и материјално од страна на нашите стратешки партнери, пред сѐ тука мислам на САД и на државите членки на ЕУ и самата ЕУ“, рече премиерот.

Премиерот исто така даде оценка и за опозициските напади кон новоизбраниот директор на АНБ, повторувајќи дека е професионалец кој од 1997 година работи и напредува во службата, а посетувал и бројни обуки, доминантно во САД и во Канада.

Во однос на тврдењата на опозицијата дека новиот директор на АБН, Зарко Милошевски, бил вмешан во случаите „Онишченко“, „Диво насеље“ и „27 април“, Ковачевски изјави дека тоа треба да се провери во службите кои се занимаваат со истраги, а тие не се дел од Владата.

„Во однос на наводите кои ги дава опозицијата, тоа може да се провери, меѓутоа врз основа на соодветни институции. Сметам дека опозицијата при назначување на секој функционер има напади. Јас барем знам за сѐ што мене ме напаѓаа, дури и мртви роднини ми споменуваа, така што одговорот на тоа прашање најсоодветно ќе можат да ви го дадат соодветните служби кои се занимаваат со истраги, а тоа се служби кои не се дел од Владата“, рече Ковачевски.

Во врска со оперативниот тим за хибридни закани, Ковачевски информираше дека ќе биде составен од најдобрите експерти, доминантно од ИТ технологиите и Ви-Пи-Ен мрежите, преку кои се спроведува целиот процес на хибридни напади, од сите надлежни институции, а со него ќе раководи Бирото за јавна безбедност. Ќе им помагаат и други експерти по потреба, а кои не можат да бидат членови на оперативниот тим.

Оперативниот тим, како што рече, ќе биде во координација со САД, НАТО и земјите членки на Алијансата. Ќе излезат со краткорочен план и треба да дадат одговори и решенија до нивото на тоа што може да се направи бидејќи дојавите доаѓаат преку Ви-Пи-Ен сервери од странство. Тој тим ќе треба да направи дијагностика на системите во делот на кибер безбедноста и хибридните закани, што ќе биде основа за унапредување на системите во државата во овој домен, информираше премиерот Ковачевски.