Ковачевски во Собранието го пречека Апасиев како „лидер на опозицијата“


 
Во Собранието денеска е во тек седницата за пратенички прашања, на која премиерот Димитар Ковачевски го поздрави претседателот на Левица, Димитар Апасиев, ословувајќи го како „лидер на опозицијата“.
 
„А, еве дојде лидерот на опозицијата. Добар ден, господине Апасиев“, му се обрати Ковачевски на Димитар Апасиев.
 
На денешната седница најголем дел од прашањата од опозицијата до премиерот се однесуваа за договорот од 1,3 милијарди евра со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници. Притоа, Ковачевски од собраниската говорница им порача на политичките опоненти дека „ќе биде премиер до 2028 година“.

Во одговор на прашањето од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во однос на Договорот со „Бехтел и Енка“, околу последиците по државата доколку измените на Законот за експропријација не се донесат во предложената форма во Собранието, со кои по експропријацијата одземениот имот веднаш се доделува во владение на компанијата, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека вакви одредби има и во сегашното законско решение, потенцирајќи ја при тоа важноста на овој проект. 

„Од кружен тек на Балканот со изградбата на коридорите, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да биде сообраќајна и економска важна делница на картата на Европа. Овие инфраструктурни инвестиции се траен влог во создавање на наследство за идните генерации“, потенцира Ковачевски.

Во однос на транспарентноста на Договорот со „Бехтел и Енка“, тој посочи дека нема ништо тајно бидејќи процесот траел две години, а сите клучни точки и елементи се достапни на јавноста и никогаш не биле тајна – вредноста на Договорот, начинот на реализација на проектот и трошењето на парите на граѓаните. 

„Важно е и да се истакне дека секој исплатен денар од државата за изградба на коридорите ќе биде јавно објавен и достапен на отворени финансии“, рече Ковачевски.

Во однос на промената на законските решенија, тој рече ќе се овозможи нивно доуредување заради побрзо и поквалитетно реализирање на проектите. „Измените на законите се единствено ажурирање на детектираните точки кои досега правеле успорување, односно институциите да можат побрзо да ги изведуваат работите на терен, за по овие модерни патишта да можат да се возат сегашните генерации а не генерации кои сѐ уште не се родени. За пример ако го земеме Кичево – Охрид, за кој проектот беше репроектиран, со постоечките законски решенија на институциите им требаа пет години за да ги изменат проектите, да ја изменат трасата, да ги проектираат клучките и да завршат со експропријација на земјиштето. Сите овие измени се забрзуваат, но ниту една не е на штета на граѓаните. За потсетување за автопатот Кичево – Охрид досега се потрошени 600 милиони евра, а ниту еден сантиметар автопат не е пуштен заради лошото проектирање на трасата“, вели премиерот.