Ковачевски е за ветинг на функционерите, судиите и обвинителите

Премиерот е за ваквиот вид проверка, па макр и ЕУ да не се согласела на тоа, како што го направи пред седум години


Димитар Ковачевски (Фото: Д. Митревски)

 

Премиерот Димитар Ковачевски е за тоа да се направи силен рез во борбата против корупцијата со тоа што ќе се направи ветинг за сите избрани и именувани функционери, како и за судиите и обвинителите. Па дури и ЕУ да не го поддржи тоа, Ковачевски смета дека треба да се направи.

Зборувајќи во утринската програма на „Слободен печат“ на Слободна ТВ, Ковачевски рече:

„Јас и пред 7-8 години поддржував ветинг на сите избрани и именувани функционери, вклучително и на судиите и обивнителите. Во тоа време ЕУ, од ним познати причини, беше против таков процес. Мислам дека сега нема да бидат, но и да бидат, сметам дека треба да се направи такво нешто. Албанија тоа го направи. Две три години немаа комплетирано судски состави на сите инстанци, но сега имаат многу пофункционални институции“.

Според него, низ таков процес, како што беше и оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, „ќе може да се идентификуваат кои се добрите, кои може да се унапредат, но и ќе се идентификуваат оние кои мора да го напуштат системот“.

Тој е оптимист околу изборите. „Знам дека во ДПМНЕ има анкета на која 80 отсто од граѓаните не можат да препознаат што е политиката на оваа партија во однос на интересот на граѓаните, затоа мора сами да си пишуваат анкети, да им биде полесно, да им тргне денот“, рече тој.

Ковачевски изјави дека СДСМ има неколкупати подобар економски резултат и тоа во сите области.

„Ако зборуваме со фактите, тогаш просечната плата е зголемена за 50 отсто, минималната плата е зголемена за 100 отсто. Ако во 2016-та година биле потребни  4 и пол плати за една потрошувачка кошничка денеска се потребни две минимални плати  за покривање на една потрошувачка кошничка, тоа се факти. Ако зборуваме кај пензиите факт е дека минималната пензија сега е  50% повисока од таа во 2016 и факт е дека просечната пензија е 50% повисока од таа во 2016та година. Невработеноста во 2016 беше 24 отсто, а сега е невработеноста е 13 отсто, идната година ќе биде за два процентни поени, а во 2025 таа за прв пат по многу долго време ќе биде со едноцифрена бројка“, рече премиерот.

Тој ги повтори познатите ставови дека има голема дистинкција меѓу двата политички блока во земјава, „јасни се понудите пред граѓаните, за и против членство во ЕУ“.

„Јас сум оптимист во однос на изборите бидејќи на крај на изборите се судруваат концепти. Ние во државата имаме многу јасно два концепти. Едниот е за европска интеграција на државата и другиот е за изолација на државата. Ние како владејачка коалиција нудиме и решенија, нудиме и план за државата, до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ. Од другата страна имате неизвесност, немате понуда за алтернатива и како што самиот претседател на ВМРО–ДПМНЕ кажува во наредните 100 години, можеби никогаш државата нема да биде членка на ЕУ“, рече ковачевски во интервјуто за „Слободен печат“.