Ковачевски е огорчен од начинот на кој Онишченко добил пасош

Премиерот изјави дека нема да отстапи да бара одговорност за пропустот кој стави сенка врз односите со нашите западни сојузници, особено со САД


 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека нема да отстапел од барањето одговорност за пропустот направен при издавањето пасош за Украинецот Александар Онишченко. Одговорот за причините ќе ги даде истрагата што треба да се спроведе во АНБ и соодветниот извештај. „Штом ќе има извештај, мора да има и одговорност за тоа што е направено“, изјави Ковачевски  за време на посетата на Струшко. 

Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски истакна дека не е само непријатно изненаден, туку и „огорчен од начинот на којшто лице што е на црната листа на Соединетите Американски Држави, наш стратешки партнер, ги има добиено  сите позитивни мислења за добивање државјанство на Северна Македонија“.

„Обврска на Агенцијата на национална безбедност е да спроведе сеопфатна истрага, внатре, во своите редови, во однос на тоа како е спроведена постапката и за тоа да ја информира Владата, секако на затворена седница, бидејќи се работи за сензитивни информации“, рече Ковачевски.

Вчера директорот на АНБ, Виктор Димовски, изјави дека интерната истрага за случајот „Онишченко“ констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење за македонскиот пасош на Онишченко. Лоциран е „прстенот“ и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорност.

Димовски, посочи дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи – ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност. Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, според објаснувањето на  Димовски, се прави на неколку нивоа и потребни се потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска изјави дека „прв којшто треба да поднесе одговорност е директорот на Агенцијата за национална безбедност, но исто така од тоа не треба да се исклучат и министерот за внатрешни работи и премиерот. Директорот на АНБ треба да поднесе одговорност затоа што не направиле соодветна проверка при издавање на државјанството“, рече тој. Додека министерот за внатрешни работи требало да понесе одговорност за издавањето пасоши на криминалци од светот. Тој додаде дека неодамна МВР набавило еден огромен информациски систем од компанијата „Инфинити“ која што е на црната листа на САД и била во сопственост на синот на Милорад Додик кој што исто така е на црната листа на САД.