Ковачевски: Докажавме дека е можно да се има поголеми плати и повеќе демократија
На овие избори ќе победи идејата за подобра, европска иднина, порача Ковачевски на промоцијата на изборната програма и на кандидатите на изборните листи
Економската програма на СДСМ предвидува повеќе за сите – подобар живот за сите, доближување на животниот стандард до европскиот и сето тоа преку издржани и конкретни мерки. Нашиот фокус е на четири основни столба: човечки капитал, продуктивност, иновативност и конкурентност. Проектираме просечна стапка на раст на економијата од 5,1 отсто во наредните четири години и ќе го оствариме тоа, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во своето воведно обраќање по повод промоција на Програма за европска иднина и кандидати за пратеници на избори 2024 година.
Тој додаде дека во наредните четири години просечната плата ќе достигне рекордни 1.100 евра, а минималната плата ќе изнесува 600 евра, а дополнително, со влезот во ЕУ просечната плата ќе изнесува 1.300 евра, а минималната плата 800 евра.
– Нема откажување и од достоинствен живот за пензионерите! Гарантираме дека во 2028 година минималната пензија ќе биде 20.000 денари, а просечната пензија 30.000 денари. Дополнително, предвидуваме новогодишна поддршка од 6.000 денари за секој пензионер. СДСМ покажа дека се грижи за пензионерите и во наредните четири години дополнително ќе го унапредиме нивниот стандард – потенцираше Ковачевски.
Тој додаде дека за седум години се преполовила стапката на невработеност, а економскиот план предвидува намалување на стапката на невработеност од 12 отсто на 7 отсто до 2028 година – едноцифрена бројка, за првпат во историјата на независна Македонија.
– Планираме 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство и поттик на економскиот раст со 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции – рече Ковачевски.
Ковачевски истакна дека покажале дека е можно да се има добар резултат, да се работи напорно за подобро утре.
– Дека е можно да има поголеми плати, пензии, повеќе пари кај граѓаните, дека е можно да има слобода и демократија, да има слобода на говор, дека е можно да живееме во земја која има сигурна, извесна и подобра, европска иднина. Не само што е можно да се оствари ветување за просечна плата од 500 евра, туку и да се надмине. Денешната реалност е 650 евра просечна плата. За само кратки шест години од 150 евра минимална плата, стигнавме до речиси 370 евра минимална плата. Вложивме 100 милиони евра со кои поддржавме 919 компании. Со оваа поддршка компаниите реализираа 500 милиони евра инвестиции – рече Ковачевски.
Тој додаде дека со антикризните мерки се оддржала ликвидноста на компаниите, се задржале работните места и се заштитил стандардот на граѓаните, а 2,6 милијарди евра преку антикризните пакети се вратиле назад кај граѓаните и стопанството.
– Денес, Македонија е исто атрактивна дестинација за странски директни инвестиции. Само во 2022 година имавме над 750 милиони евра странски директни инвестиции, наспроти нешто над 300 милиони пред 2016 година. Од 2017 до 2023 година Македонија има три милијарди евра прилив на странски директни инвестиции – потенцираше Ковачевски.
Тој додаде дека тоа е резултат на успешните економските политики и стабилното деловно опкружување.
– Тоа беа тешки одлуки, но, благодарение на нив, ние денес сме земја членка на НАТО, со отпочати преговори со ЕУ, стабилна, просперитетна и безбедна земја. Можностите за економски развој и за подобар животен стандард ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ. Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија – рече лидерот на СДСМ.
Затоа, додаде, мотивирани сме да чекориме цврсто по европскиот пат, да продолжиме напред, да не се откажеме, да не губиме надеж, да се осмелиме да веруваме во подобра иднина за граѓаните и државата и истата да ја обезбедиме.
– На овие избори ќе победи идејата за подобра, европска иднина. На овие избори Коалицијата за европска иднина ќе ја добие довербата на граѓаните да ја формира новата проевропска влада на Македонија – рече тој.
Ковачевски додаде дека јасниот план за европска иднина на СДСМ е претставен во изборната програма.
– Таа е обемна, детална, конкретна и содржи голем број мерки во сите области и за сите граѓани. Оваа програма е за сите – младите, пензионерите, земјоделците, бизнисите и работниците, лицата со попреченост, жените, мажите, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците – буквално сите кои живеат во нашата Македонија – заклучи Ковачевски во своето воведно обраќање по повод промоција на Програма за европска иднина и кандидати за пратеници на изборите 2024 година.
Можностите за економски развој и за подобар животен стандард, според него, ќе се зголемат уште повеќе со членството на Северна Македонија во ЕУ.
-Затоа е важно да се продолжи европскиот пат, тој нѐ носи до единствениот европски пазар од половина милијарда луѓе со што за нашите компании ќе се отворат огромни можности. Европскиот пат носи и подобар животен стандард за граѓаните, повеќе и подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. – истакна Ковачевски, па додаде:
-Направивме многу, но знаеме дека има уште многу што да се сработи. Знаеме дека има уште наши сограѓани кои едвај врзуваат крај со крај, кои двојат од своето за да имаат за своите деца. Знаеме дека за нив треба да ги удвоиме напорите и да направиме да е подобро. Нашите граѓани заслужуваат подобро – рече Ковачевски на денешната промоција на новата „Програма за европска иднина“ и кандидатите за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
На 28. конгрес на СДСМ што се одржа минатата сабота партијата ги потврди листите за пратеници и нивните носители. Во првата изборна единица, како што и досега беше познато, листата ќе ја предводи партискиот лидер Димитар Ковачевски, а на позицијата коносител на листа ќе биде претседателката на коалициската Либерално-демократска партија, Моника Зајкова. Изборната единица 2 ќе ја предводи ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а коносител ќе биде партискиот потпретседател и актуелен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
Носителка на листата за пратеници во третата изборна единица ќе биде заменик-претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, а Љупчо Николовски, кој е актуелен министер за земјоделство, ќе биде коносител во „тројката“. Листата во „четворката“ ќе ја предводи поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а коносителка во оваа изборна единица ќе биде поранешната министерка и актуелна дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Носител во петтата изборна единица ќе биде актуелниот собраниски спикер Јован Митрески, а на позицијата коносител во „петката“ ќе биде министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојческа. Пратеничката листа на СДСМ во изборната единица 6 ќе ја предводи претседателката на Централниот одбор на партијата и актуелна министерка за одбрана Славјанка Петровска, а коносител ќе биде Агрон Демири.