Ковачевски: Цената на струјата треба да се менува почесто, за да нема ценовни шокови
Генералниот директор на државната компанија за производство на електрична енергија се залага за формирање енергетски солидарен фонд за да им се помогне на загрозените категории граѓани
Цената на електричната енергија треба да се менува почесто за да нема ценовни шокови, смета првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски. Генералниот директор на државната компанија за производство на електрична енергија исто така се залага за формирање енергетски солидарен фонд преку кој ќе им се помага на загрозените категории граѓани.
„Според моето мислење, а и мислењето на дел од луѓето кои работат во енергетскиот сектор, цената на електричната енергија мора да се регулира побрзо, односно на пократки периоди“, изјави денес Ковачевски во интерју за ТВ 24. „Ако се сеќавате, изминатите три години немаше воопшто корекција на цената. Сите ценовни удари ги трпеа енергетските компании, а најмногу акционерското друштво ЕСМ“, додаде Ковачевски.
Според сегашните прописи, Регулаторната комисија за енергетика тоа го прави еднаш годишно, по правило кон крајот на јуни. Така, на 29 јуни минатата година РКЕ одлучи да нема промена на цената на електричната енергија за граѓаните односно, цената на струјата по која универзалниот снабдувач „ЕВН-хоум“ ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата остана иста. Тогаш беше најавено дека цената нема да се менува до 1 јули 2020 година, но годинава одлуката беше донесена подоцна, откако беа спроведени предвремените парламентарни избори, што беше повод за обвинувања дека тоа е направено под политички притисок со цел да не влијае врз изборите.
Попладнево на одлуката за поскапување на струјата за 7,4 отсто, уште еднаш со соопштение реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако Ковачевски се фали дека цената за електричната енергија на ЕЛЕМ по која ја продава на ‘ЕВН хоум’ е скоро за 55 отсто поевтина од онаа на либерализираниот пазар зошто тогаш свесно ја носи компанијата во загуба? Наместо да продава само 75 отсто од производството на ЕЛЕМ по таа ниска цена, а остатокот од 25 отсто да го продава како вишок по многу повисока цена со што компанијата нема да реди загуби“, се вели меѓу другото во партиското соопштение.
Притоа, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за „ЕВН хоум“ се обезбедува огромна маржа од 11,5 отсто која е повторно на грбот на граѓаните.
„Ако се погледнат приходите на ЕВН за 2018 и 2019 година ќе се забележи дека компанијата има профит од околу 35 милиони евра. Тогаш зошто е потребно зголемување на цената ако компанијата нема загуби?“, прашуваат од партијата.
Ковачевски во интервјуто за ТВ 24 повтори дека доколку се случело такво нешто поскапувањето ќе било поголемо.
„Секојдневно ги следиме берзанските цени кои што се претежно на берзата на ХУПЕКС. Доколку ЕСМ учествува само со 75 отсто од вкупните потреби на енергија на ‘ЕВН хоум’, а другите 25 отсто, онаму каде што не мораме, а учествуваме заради намалување на ценовниот шок, ние можеме таа енергија да ја продадеме на слободниот пазар за цени повисоки до 40-50 проценти. Така команијата ќе има поголем профит, меѓутоа ‘ЕВН хоум’ ќе треба да набави електрична енергија од други увозници на електрична енергија по повисока цена и ценовниот удар врз граѓаните ќе беше далеку поголем“, вели Ковачевски.
Тој нагласува дека ЕСМ како државна компанија треба да се однесува одговорно, но да има и општествена одговорност кон граѓаните.
„Токму затоа најголем дел од ценовниот удар и незголемување на цената во проценти онолку колку што реално треба да биде е на товар и на грбот на компанијата АД ЕСМ“, вели тој.
Ковачевски исто така смета дека треба да се формира енергетски солидарен фонд преку кои ќе се заштитуваат граѓаните со пониски примања од вакви ценовни шокови. Тој вели дека и до сега како дел од менаџментот кој што работи во енергетскиот сектор во изминатиот период имал разговори со политичките елити, со владата и со поличките партии на оваа тема
„По формирање на владата ќе предложиме основање на енергетски солидарен фонд, односно фонд за поддршка на семејствата кои се социјално загрозени, приматели на социјална помош, на стечајците, на приматели на минимална плата… Затоа што цената на електричната енергија и зголемувањето и плаќањето на сметките различно влијае кај посиромашните каде што тоа повеќе се чувствува како товар, отколку кај поимотните каде што ударот е поблаг. Токму затоа ние размислуваме да се создаде енергетски социјален пакет кој кој ќе биде во вид на количество на енергија и ќе биде донирано кон таквите категории граѓани. Сметам дека така можеме да го подобриме квалитетот и стандардот на таа категорија граѓани“, вели Ковачевски. (Н.В.)