Костимите на Ношпал изложени во Париската Опера: Ова е врв за еден костимограф и дизајнер

Ношпал, кој е првиот македонски и можеби балкански костимограф, чиишто костими се изложени во Париската Опера, за 2028 најавува ретроспективна изложба по повод 30 годишната активна кариера во театарот


По неговите најдобри  и воедно најтешки проекти — кои ја одбележаа неговата кариера —реализирани надвор, во големи и познати театарски куќи: Силентиум во  славниот театар „Бољшој“ во Москва, Лебедово езеро и Оревокршачка во Операта во Лајпциг; Атмосфери во Балетот на Рајна во Дизелдорф; Калигула во Сент Гален, Швајцарија; големиот број балетски претстави во ХНК — Сплит и ХНК — Риека; Песни без зборови — дел од балетниот триптих во ХНК — Загреб, каде што неговите костими се рамо до рамо до оние на Версаче, нашиот врвен креатор и костимограф Александар Ношпал оствари уште еден професионален сон- костимите за претставата „Мајката Гуска“ ( Ma Mère l’Oye) во кореографија на Мартин Шекс, од 2023 година, моментно му се изложени во Операта Гарние. ( Национална опера во Париз, главно продуцира опери во својот современ театар Опера Бастилја со 2.723 седишта, која беше отворена во 1989 година, како и балети и некои класични опери во постарата Палата Гарние со 1.979 седишта, кој беше отворена во 1875 година, н.з.).

За Ношпал, честа е огромна и врв за еден костимограф и дизајнер.

-Опера Гарние постојано организира поставки на костими односно изложби  во фоајето на самата опера Гарние.  Оваа изложба е најверојатно организирана како дел од пред божиќното расположение со цела да се презентира магијата на детските сништа. На изложбата под наслов „Си беше еднаш во Операта…“ изложени се костими од различни автори и претстави низ историјата на операта, кои ги отсликуваат волшебните ликови од бајките со различна естетика и визија на разни костимографи. Во она што можам да го забележам во групата се поставени костимите на Заспаната Убавица, Волкот, една птица, Синобрадиот , Sверот и Ледронет, императорката на пагодите, ни изјави ексклузивно, Ношпал.

Работевте за големи и престижни оперски куќи, во што е престижот на Операта Гарние?

Опера Гарние пред се една од најголемите, а воедно и една од најстарите балетски куќи и опери во светот. Престижот се состои во нивната уникатна техника, традиција и секако во мојата област, најдобрата техника на изработка на балетски костими. Знаеме дека Франција, односно Париз е колевка на Високата мода и на традицијата на изработка на костими и на аксесоари се смета за национално богатство. Она што можете да го доживеете како дизајнер во процесот на изработка на костими е врвот на она што можете да го доживеете во светот. Посебно што таа традиција мене ми е многу позната бидејќи моето формално образовани со француските занаети и уметности го стекнав токму во Париз.

За какви костимографски решенија станува збор?

„Мајката Гуска“ е музичка свита на Морис Равел, напишано во 1908 година оригинално за пијано дует, а во 1911 оркестрирана и адаптирана за балет. Темата е базирана на класичните француски бајки преработени и објавени од Шарл Перо (Заспаната убавица, Палчо, Убавицата и Сверот и т.н.). Музиката е значајна по нејзината извонредна оркестрација која на волшебен начин успева да ги евоцира фантазијата и детските сништа. Балетот е многу ретко поставуван низ светот, и затоа беше и уште поголем предизвика да се  работи на ова дело.

Балетот е во продукција на Париската Национална Опера, а е иницирана од директорката на Балетското училиште на истата ( кое е нормално под капата на оваа институција) Елизабет Плател (една од најголемите балерини ѕвезди во историјата на париската опера и пошироко, во светот). Ова училиште е едно од најеминентните и најпознатите во светот, познато по неговата уникатна техника, дисциплина и традиција. Секоја година во месец април дирекцијата на  училиштето поддржана од Оперaта организира целовечерна балетска претстава во која исклучиво танцуваат/учествуваат  учениците, а со цел да се презентираат на јавноста и нормално да се навикнуваат полека на професионалната реалност. Во оваа вечер најчесто изведуваат две до три дела од различен жанр: класика, неокласика, современ или модерен балет, а самиот настан предизвикува огромен интерес, има неверојатна посетеност и се бара билет повеќе. Самиот настан е организиран како вистински балетски спектакл на највисоко уметничко и естетско ниво.

Идејата да му се довери одговорноста да изработи оригинална кореографија на Мартин Шекс потекнува од фактот дека тој самиот го има завршено тоа училиште и бил дел еден период од балетскиот ансамбл на Париската опера, а моментално е еден од најинтересните и најбараните кореографи со голем подем во светот.

Како долгогодишни соработници со Шекс, решивме визуелната естетика на оваа продукција да ја базираме врз основа на тродимензионалните детски сликовници, со кои ние како деца растевме. Таа идеја ја развивме како тим уште подалеку, претвораќи ги ликовите во бели хартиени оригами кукли, кои навидум изгледаа дека се изработени од хартија, се појавуваат како геометриски хартиени херои во сонот на децата, за накрајот (кој го означуваа зреењето и растењето) тие да ги слечат своите костими и да станат реални личности – танчери.

Самите костими имаа неколку предизвици. Првиот беше да се најдат типичните форми без боја ( сите костими се во бела боја), кои асоцијативно ќе ги отсликаат веќе познатите личности (пример црвенкапа е позната по црвената капа но овде треба да се даде назнака во форма бидејќи костимот е ахроматски). Вториот е да се создадат балетски костими во оригами техника, но од ткаенини, што бара исклучително познавање на техниките на кроење посебно на балетски костими, и нормално големо искуство во изборот на ткаенини и изработката и дизајнирањето на балетски костими.

А третиот најголем предизвик беше костимите да бидат функционални, лесни и меки, погодни за комплексно движење на телото и игра со партнери, што е во спротивност со самата техника на оригами која се состои од остри, дефинирани и прецизни линии и форми изработени од хартија, материјал кој има стабилност и цврстина. За таа цел, беше потребно минуциозно да се одберат соодветни ткаенини и да се направат неколку проби и експерименти и во текстура и во крој. Употребени беа Памучен габарден, ликра, разни видови на неопрен, мрежа, органдин, сатен дишес и органза.

Импресијата што ја освои и воодушеви публиката беше што тие строги масивни костими и маски, кои до крајот изгледаа моќно и статички стабилно, на крајот на балетот танчерите ги соблекуваат без никаков проблем на сцената пред самиот аудиториум, со што истите станаа лесни како памучни облаци, останувајќи по едноставни целосни академски трикоа.

Дали е ова прва ваква изложба на ваши костими, од ваков формат?

Досега не сум имал изложба на костими бидејќи не сум имал време за тоа: сеуште сум активен во професијата. Досега имам само една изложба на костими а тоа беше извонредната изложба на костими на членовите на групата „Синтезис“ по повод 30годишното постење на групата во фоајето на Македонската Филхармонија. Таа изложба беше на наша сопствена иницијатива, без финансиска поддршка од државата или физички и правни лица. Траеше за жал само една вечер, кога се одржа концертот.  Секако, имам план конечно да направам една ретроспективна изложба по повод моето 30 годишната активна кариера во театарот која ќе биде во 2028 година, но секако тоа претставува предизвик бидејќи моето творештво односно моите најважни и најкомплексните дела се во сопственост на светски театарски куќи, а воедно потребна ќе биде и голема правна, финансиска и техничко технолошка поддршка за сето тоа. Значи не само финансии, туку и знаење, папирологија, транспорт,  простор, осветлување, сценографија и елементи, тајминг, соодветни куратори и кустоси и многу труд и работа. Се надевам дека ќе успеам да ги надминам овие предизвици.

Но после оваа изложба, која ме става на листата на првиот македонски и можеби балкански костимограф, чиишто костими се изложени во Париската Опера, се надевам дека Министерството за култура и можеби град Скопје ќе имаат повод да се вклучат и да ја поддржат мојата иницијатива за 2028 година, година кога Скопје ќе биде една од престолнините на културата во Европа, титула за која јас и бев ангажиран како дел од тимот што беше во Брисел и ја донесе.

Дали ви се оствари уште еден професионален сон?

Секако, најголемиот и најпосакуваниот. Но се уште сонувам: што би бил еден уметник ако не продолжи да сонува. На листатa се уште барем три светски театарски куќи каде секако би сакал да изработам костими.

Што подготвувате во моментов?

Во моментов работам на подготовките на идејни решенија за претставата „Скржавец“ од Молиер во режија на Слободан Унковски чија што премиера ќе биде на пролет во реномираниот театар „Иван Вазов“ во Софија. А другото ќе го оставам како изненадување за понатаму.

Дали сте целосно посветен на костимографијата или сте присутен и како моден дизајнер?

Модата никогаш не ја оставам, таа секогаш ќе биде дел од мене. Но во неа уживам со одредени специјални луѓе, клиенти, бидејќи сеуште сам ги изработувам своите дизајни а за тоа треба доверба, разбирање, почит и многу труд и љубов. Најубавата комбинација е кога ги консумирам костимографијата и модата паралелно.

Дали работата како професор и ментор на идни дизајнери ве исполнува?

Тоа е секако една од моите најголеми мисии во животот. Тоа е нешто од што не се откажувам, ме исполнува и ми дава можност да го пренесам и оставам моето искуство овде во мојата земја. Моментално сум ангажиран како насловен доцент на Академијата за ликовни уметности при УКИМ, каде што повторно постои изборниот предмет „Дизајн на костим и мода“ во трета и четврта година, благодарение на целиот академски тим и визија на оваа реномирана институција.

Што планирате за Нова година и по Нова година?

Нова година за мене е само уште една вечер. И убава можност конечно неколку дена човек да се одмори и да не мисли на своите секојдневни обврски. А по нова година следат нови предизвици, за кои нормално допрва ќе зборуваме во следните интервјуа.