Костени


ЛЕЈЛА САБИТ

 

Варени, печени, како пире, дома или од тезга.

Не враќаат во детството.

Кога имавме зима и снег.

Кога бевме безгрижни.

Кога со малку имавме повеќе.

Љубов, здравје и стандард.

Сега сите зборат за “вруќи костени”.

Не од домашната, туку од политичката кујна.

Кои не сакате да ги држите во раце, а камоли да ги вкусите.

Сега сите се со грижи.

Со повеќе имаме помалку.

Повеќе непријатели отколку пријатели.

Повеќе сеирџии отколку добронамерни.

Повеќе злобни отколку љубезни.

Повеќе минато од иднина.

Оваа 2020-та навистина „оди на нерви”.

Постојано страшни корона-вести, ограничувања на контактите, страв од зараза или губење на работното место.

Нема патувања и излети, нема ресторани и кафулиња, концерти или спортски настани.

Со мерките против короната, светот ни стана мал и здодевен. Реалноста се пресели онлајн, сите навиваме за офлајн.

Што ни останува?

Да се сеќаваме, да продолжиме или да се надеваме?

Многу често трчаме по далечна цел, следната работа, следната добра понуда, следната можност…Притоа, не го гледаме она што веќе го имаме. Како што се вели, патот честопати е всушност целта.

Се наближува Нова година.

Уште една без зима и снег.

Во центарот на Скопје се чувствува мирисот на печени костени, а почнаа и да ја китат елката.

Не е се изгубено, или така ми се чини?!