Костадиновска-Стојчевска: Македонската музеологија останува во тек со светските практики 


Музеите и нивната работа се нашата слика во светот. Нема сомневање дека македонската музеологија останува во тек со светските практики и ги следи новите хибридни начини на работа. Иако за нашите услови тоа се долги процеси, знам дека музејската заедница може да одговори на предизвиците, рече во своето обраќање денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај.

Меѓународниот ден на музеите денеска беше одбележан во Музејот на Северна Македонија, со Советувања на тема „Моќта на музеите“, организирани од Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), а со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, во рамки на Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2022 година.

Овие годишни Советувања се во согласност со предложените теми на Меѓународниот комитет на музеите – ИКОМ.

Исто така, денеска беше отворена и изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“, во организација на НУ Музејот на Северна Македонија.

Според министерката Костадиновска-Стојчевска, овој ден е особено инспиративен за музејските работници и за сите во оваа општествена сфера.

 

– Музеите се трезор на нашето минато, но преку потенцијал што го чуваат ја имаат силата да бидат движечката алка за иднината на пошироката заедница. Реални сме со согледувањата на состојбата на нашите музеи, но сепак со уникатното богатство што го имаме и со нивната посветена работа, музеите имаат бескрајни можности кон кои се стреми современиот свет, одржлив развој, спрега со социјалниот, економскиот, еколошкиот, научниот и едукативниот елемент во секое општество, рече министерката.

Таа напомена дека музеите се толкувачи на нашата историја и современа културна вистина. Како што рече, тие зборуваат за нашиот национален идентитет, засекогаш ќе служат како извор на нови сознанија и ќе егзистираат како постојан и активен центар за учење во државава, но и надвор од неа.

– Тие се првиот највидлив репрезент на државава пред секој намерник во нашата земја. Музеите и нивната работа се нашата слика во светот. И покрај сите неизвесности и предизвици, длабоко верувам дека во музеиските работници е моќта на промените. Очекувам интензивна и разновидна година посветена на 6ранасформација и напредок, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Претседателката на МНК ИКОМ, Маја Чанкуловска-Михајловска во своето обраќање денеска по повод одбележување на овој ден, напомена дека доколку ја согледаме пирамидата на моќта на потребите, културата е на врвот на човековите потреби и како што рече, се надева дека така и ќе остане.

– Тоа е веројатно оној дел кој се нарекува привилегија или моќ, но од друга страна стои и нашата лична и општествена одговорност, односно што ние самите можеме да придонесеме во моќта на музеите и што општеството, односно државата може да придонесе во подобрување на работата на музеите, што секогаш е потребно во многу аспекти, дури и во 21 век, додаде Чанкуловска-Михајловска.

Претседателката на МНК Син Штит, Оливера Џартовска Тачевска рече дека покрај привилегијата која им е дадена да располагаат со моќта на музеите, треба да ги истакнат и обврските кои излегуваат од таа приказн,а а тоа е врската истите да се сочуваат од пропаст или барем тој процес да се успори колку што е можно повеќе.

-Доколку сакаме да ја сочуваме моќта во нашите раце, треба да направиме се за правилна заштита на артефактите, а тоа подразбира правилни услови на депонирање и изложување на предметите, правилни постапки на конзервација и реставрација, најважно валоризација изработка на панови за евакуација за заштита при кризни случаи, методи и реквизити при подготовка за евакуација на движни културни добра..Тоа се основни предсостојби кои ни ја гарантираат доследноста на моќта, рече Џартовска Тачевска во своето обраќање.

В.д. директорот на НУ Музеј на Северна Македонија, Илија Цурев денеска го честиташе Меѓународниот ден на музеите и ја отвори изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“, која е во соработка со НУ Археолошки музеј и НУ Стоби. Автор на изложбата е Јован Шурбаноски.

Денеска исто така беа прогласени и добитници на наградите „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ за особени достигнувања во музејската дејност за 2021 година.